Вардар поразен, Чупиќ промаши пенал за бод

MOTOР - ВАРДАР 32-31 (13-12)
Најдобри стрелци на Мотор: Пуховски 6, Вујовиќ 5, Јанима 4
Вардар: Кугис 2 (13 одб), Кизиќ, Кукулоски, Димитриоски, Криштопанс 5, Карапалески, Пелко 2, Дизингер 2, Атман 5, Калараш, Чупиќ 4, Дибиров 6, Горбок 2, Шишкарев 3, Горпишин 2

Вардар е поразен од Мотор во второто коло од СЕХА Гаспром. На меч со многу тактизирање, Мотор славеше победа од 32-31 откако водеше и во најголемиот дел од средбата. 

Вардар во Украина отпатува без Скубе и Гедбан, но и Мотор не  беше комплетен, а им недостасуваше нивниот најкорисен и најдобар играч - Ајденас Малашинскас. Па би рекле дека силите по ова прашање беа израмнети. 

Пуховски и Јанима ја диктираа играта на Украинците и повеќе помалку од нив зависеше се, додека на вардаровата страна тоа го праве Криштопанс и Атман. Хендикеп плус за Вардар беше повредата на Дизингер. Тој го превитка зглобот во првиот дел и потоа беше на клупата. 

Не можеме да кажеме во колкава мерка се тактизираше и се криеја адути. Да потсетиме овие два тима се во игра група и во Лигата на шампионите и за 20 дена одново во Запорожје ќе играат меч. 
На прв поглед, не беше овој меч на кој се играше со 100% од силите. Немаше голема жестокост во дуелите, многу полесно отколку што би требало примаа голови и двата тима. 

Мотор го диктираше резултатот, Јанима покажа дека тоа што Кил го имаше во своите редови не било залудно. Но, Вардар беше постојано блиску на гол-два до Украинците, трпеливо чекајќи ја својата шанса или бранот со кој ќе ги однесе Украинците. Покрај Криштопанс и Атман, мораме да го споменеме и голманот Кугис кој одигра одлично. 
Но, бранот го немаше. Напротив, се појавија и проблеми на почетокот на вториот дел и откако Мотор поведе со 18-15, а Криштопанс заработи второ исклучување, Писонеро мораше да бара тајм аут. 

Вардар позиционо во одбрана играше со Чупиќ и Дибиров еден до друг и тоа му одговараше на Борис Пуховски. Потоа Писонеро ја смени зоната, играше некоја длабока зона, полупресинг на својата половина. Степанец, тренерот на Мотор, во вториот дел го седна на клупа својот најдобар играч, Денер Јанима, а на терен го испрати Донцов. Разликата веднаш можеше да се види, но штедењето на силите и тактизирањето ја некако ја убија убавината на овој натпревар. 

Мотор имаше водство од 24-21 и напад со кој можеше да го прекрши мечот, но трапави беа Украинците против новата одбранбена зона на Вардар, па следеше контра за 22-24 и враќање на Вардар во игра. 

Мотор одново имаше плус три на пет минути до крајот, но направи исклучување, играше со празен гол и Вардар тоа го казни и се врати на 27-28. 

Дибиров имаше шут на празен гол при 31-31 на 50 секунди до крајот, но промаши. Потоа Мотор поведе, а во последниот напад Пелко изнуди пенал. 
По истекот на времето биеше Чупиќ, топката од подот се одби преку гол и Мотор запиша за нив голема победа. 


 
Ви се допаѓа текстот?
Кликнете Like на нашата FB страница и станете дел од g-sport.mk