Симовски прави тим за 2022

Селекторот на женската репрезентација на Македонија денеска го објави списокот на репрезентативки со кои Македонија ќе настапи во квалификациите за ЕП. Македонија е во група со Шведска, Чешка и Португалија, а две репрезентации обезбедуваат пласман на следното ЕП. 

Овие квалификации, во кои реално Македонија има мали, теоретски шанси да стигне до место на ЕП ќе бидат на еден начин жртва за следното ЕП. На тој шампионат, Македонија како еден од домаќините заедно со Црна Гора и Словенија има загарантирано учество.

Селекторот Симе Симовски, затоа уште од сега составува тим за тоа ЕП, а тоа значи дека некои ракометари на кои поради возраста нема да смета во 2022 година уште од сега се изоставени. 

Ќе забележеите, едно препознатливо име, Душица Георгиевска не е на овој список. Ја нема ниту Дајана Јовановска. 
Теодора Керамичиева ја пропушти речиси комплетната сезона поради повреда, па и нејзе ја нема на списокот. Ја нема ниту Моника Јанеска... 

Првата постава на Симовски ја сочинуваат Саздовска и Ристовска на крилни позиции, потоа Ливриниќ, Гичевска и Елена Георгиевска на бековските позиции и Гакидова на линијата. И тоа е постава што во 2022 ќе има доволно искуство. 
Нив ќе им бидат додадени ракометарки од генерацијата 2003 (Седлоска, Јануловска), потоа нешто поворзасната Боризовска и уште неколку играчи од генерацијата 2000-01. Ако се оди по планот, тие треба низ овие квалификации и следните Медитерански игри итн. да соберат доволно искуство за во 2022 Македонија да има состав што пред свои гледачи ќе може да се надева и за освојување на бодови. 
Таква е замислата, каква ќе биде реализацијата, ќе видиме. 

Македонија првите натпревари во квалификациите за ЕП 2020 ќе ги одигра на 26 септември со Шведска во Никобинг и три дена подоцна во Скопје против Чешка. 
Следните две кола се на програмата во март 2020. 

Ви се допаѓа текстот?
Кликнете Like на нашата FB страница и станете дел од g-sport.mk