Денеска е голем ден за ракометна Битола. За прв пат во градот што често се нарекува најракометен, ќе се игра официјален натпревар во СЕХА Гаспром шампионатот, а ќе учествува и нивниот тим Е. Работник.
Гостинот не е познато ракометно, но е голем спортски бренд од други спортови - Спартак Москва. Натпреварот почнува во 20:45 часот.
Ова е увертира на уште поголемиот настан што доаѓа во Битола, а тоа е Лигата на шампионите која по 14 години се враќа во битолската сала.
Работник состави сериозен тим. Има недостатоци што ќе се покажат низ сезоната, има и добри страни што исто така ќе ги видиме. Резултатска цел за ваква екипа е неблагодарно да се поставува додека не се види на дело тимот, но според имињата во составот и акумулираното искуство, би требало да биде кадарен да освојува бодови, посебно на домашен терен, а денешниот противник е еден од таквите.
„Имавме напорни подготовки, одигравме многу квалитетни пријателски натпревари и загубивме само од АЕК Атина на турнирот во Струга. Среќен сум што по 14 години Битола повторно ќе гледа натпревари од Лигата на шампионите и СЕХА лигата. Спартак Москва е квалитетен состав, во своите редови има неколку руски репрезентативци како Ковалев и Дереван и затоа очекувам цврст натпревар. Очекувања во овој дел од сезоната е да бидеме зад фаворитите Мешков Брест, ППД Загреб и Веспрем, на четвртото место во групата“, изјави тренерот Стевче Алушовски.
Ќе обрнеме внимание и на делот што е сосема нов за битолчани. Дали структурно и организациски ќе растат или се ќе им биде подредено на резултатите и околу нив ќе се врти целата приказна. Вардар и Металург со годините играње низ ЛШ и СЕХА прифатија низа новитети, поинаков однос и организација, што во домашното првенство клубовите не ги практикуваат.
Сега Работник треба да ја преземе палката од Металург во поглед на афирмирање на македонските играчи низ СЕХА и ЛШ.
Пред Работник и пред Битола е голема сезона. Ќе видат имиња како Веспрем, Мешков, ППД Загреб, Спортинг, Татран во својот град. Предизвикот е голем, не само резултатски. Но, убави страни има многу, а Битола предолго чекаше за да се насладува на врвен ракомет во својот град.