Вардар си доаѓа со бронза и утешна награда

ВАРДАР - АЛ ВЕХДА   30-26  (16-16)
Гедбан (13 одб) Чупиќ 7, Криштопанс 6, Атман 5, 

И од својот втор настап на Супер Глоуб, Вардар се враќа дома со бронзен медал и утешна награда. За волја на вистината, утехата е убава, 150.000 долари ќе бидат префрлени на сметка на Вардар за освоеното трето место.

Денеска Вардар играше со Ал Вехда, домаќинот на турнирот. Овој меч многу наликуваше на „оние“ натпревари од СЕХА Гаспром на кои однапред се знае дека Вардар ќе победи. Дури и ако игра лошо, Вардар има доволно квалитетни индивидуални за да победат тим со квалитет каков што има Ал Вехда. 

Но, домаќинот решен да се покаже во најдобро издание, добро се бореше пред своите симпатизери, во случајов богати шеици односно потенцијални спонзори седнати во златните фотелји во ВИП ложата во салата во Дамам. 

Вардар не одигра добар натпревар. Иако со мала помош на судиите домашните стигнаа до 4-1, потоа и 5-2, Вардар не возврати и Ал Вехда ја одржуваше предноста од три гола петнаесетина минути (9-6). Потоа Вардар намали, успеа во два наврата и да израмни, но првото водство за Вардар го регистриравме дури во 25 минута. А и тоа не траеше до крајот на полувремето. Напротив Ал Вехда водеше во последната минута, а Вардар израмни благодарение на страшниот рефлекс на Иван Чупиќ кој ја дофати одбиената топка по шутот на Горбок и ја смести во мрежата пред да се огласи сирената. 
Не беше добра одбраната, а нападот кој беше посилната страна на тимот имаше голем сојузник во голманите на Ал Вехда кои запреа само два шута во првиот дел. 

Во второто полувреме стартот најави дека Вардар брзо ќе ги реши проблемите. Поведоа со три гола македонските ракометари, но големиот бран изостана, па два до три гола се движеше резултатот се до 50 минута. 

Потоа Вардар стигна и до пет гола предност и мирно го заврши натпреварот. 

Улогата на фаворит Вардар ја оправда и не би можеле ниту од овој натпревар да извлекуваме заклучоци. Не беше пристапот како на натпреварите од ЛШ тоа е јасно, ќе видиме како ќе изгледа тимот во европското натпреварување.

Кристијан Дизингер играше само малку во првиот дел и имаше еден удар во главата и потоа не го видовме на терен, иако не изгледаше страшно ситуацијата. 
Ви се допаѓа текстот?
Кликнете Like на нашата FB страница и станете дел од g-sport.mk