По повеќе од 15 години откако заминаа од југот на Македонија, деновиве во Богданци одново можат да се видат познатите ракометни ликови од златната ера на клубот.
Виктор Горбах, Сергеј Турченко, Касим Каменица... се дел од ракометното друштво што денеска ќе биде во центарот на вниманието во Богданци.
Тука е и македонската репрезентација - ветерани, предводена од Пепи Манасков која ќе одигра ревијален натпревар со Младост Богданци (18:00 часот).
Натпревар ќе одиграат и пионерските екипи на Младост и Партизан, па така целиот настан има и турнирска нота.
Натпреварот меѓу Младост и Македонија (Ветерани) го организира сегашниот Младост Богданци, клуб што е наследство на некогаш силниот клуб што редовно играше во Европа и каде што се решаваа многу шампионски титули. Овој клуб сега успешно го водат Мите Стоилов и Никола Роглев, двајца богданчани што играа во овој клуб во минатото.
Во чест на починатите Гоце Петрушев и Томе Лисичков, дуото што го водеше Младост во златната ера, се собираат некогашните клупски ѕвезди, за да им оддадат почит и да покажат дека се уште се дел од Младост Богданци.