Откако ја пропушти шансата за загарантирани 250.000 долари од наградата и шанса да се бори за големата премија од 400.000 долари, македонскиот Вардар утре ќе се сретне со домаќинот на Супер Глоуб, Ал Вехда, во меч за трето место, бронзен медал и најважно, чек од 150.000 долари.
Екипите што играат за медал денеска одмораат, а натпреварот меѓу Вардар и Ал Вехда почнува во 13:30 часот и ќе биде предигра на големото финале во кое се среќаваат Кил и Барса. Финалето е закажано за 16:20 часот.
Против овој противник, Вардар е во улога на голем фаворит и доколку за Кил има оправдување, утре единствено победа е резултат што донекаде може да ги смири фановите.
Ал Вехда ја искористи улогата на домаќин и избегна вкрстување со посилните од нив тимови како Замалек и Кил во 1/4 финалето, но во 1/2 финалето играа против Барса и за уживање на домашната публика водеа на полувреме 16-13.
Потоа Барса почна да игра и го доби мечот со 10 гола разлика.
Ал Вехда е екипа во која игра еден Украинец од 205 см (Буњенко), имаат по еден играч од Египет, Тунис и Бахреин. Другиот дел од екипата се ракометари од С. Арабија. Не велиме дека се екипа за потценување, но европскиот шампион не би смеел да има никаков проблем да дојде до бронзениот медал, односно богатиот чек.
Поврзани вести