Охрид спрема санкција за Андоновски

Охрид деновиве се соочува со проблем кој од време навреме се појавува во ракометните кругови. Нивниот ракометар Даниел Андоновски, син на поранешниот репрезентативец на Македонија и до лани тренер на Охрид, Горан Андоновски, си заминал од клубот без дозвола. 
Како што објавува ohridnews.com Андоновски не побарал дозвола, туку на клубот му соопштил дека заминува: 

„Пред почетокот на тренингот Даниел ни кажа дека нема да доаѓа повеќе на тренинзи и ќе се оди во Вардар Јуниор. Тој не се појави на тренингот денеска и ние останавме фрапирани поради неговиот потег. Даниел има договор уште три години со нашиот клуб и до сега никој од Вардар не` не контактирал нити имавме сознанија дека го посакуваат и планираат во составот. Тој на своја рака си направи трансфер и не се појави на тренинг и затоа ќе сноси санкција според правилникот од клубот“, изјави директорот на Охрид, Горан Недески.


Вообичаена пракса е доколку играчот и клубот не се согласуваат и барем едната страна бара раскин, случајот да се пресели кај Регистрациската Комисија на РФМ од каде почнува истрагата за тоа дали играчот, во случајов Даниел Андоновски, смеел сам да го напушти клубот. Тој е стипендист и е под договор и ќе му требаат силни аргументи да се оправда за потегот што го одиграл. Но, сигурно ќе ја слушнеме и другата страна, па потоа ќе знаеме во кој правец ќе оди случајот.


фото: ohridnews.com
Ви се допаѓа текстот?
Кликнете Like на нашата FB страница и станете дел од g-sport.mk