КОЛУМНА ДРАГАН ЃУКИЌ: Скопје беше совршен домаќин, но многу тренери не го видоа тоа

Авторот на колумната е master coach на ЕХФ,поранешен селетор на Ц. Гора, Македонија, Израел, Швајцарија, Јордан и селектор кој ја водеше В. Британија на ОИ Лондон. На клупски план бил тренер на Макаби, Мадеира, Вардар, Пик Сегед, Ц. Звзеда, Металопластика итн. Последен ангажман му беше тренер на женскиот мега проект ЧСМ Букурешт од Романија

Спуштена е завесата на уште едно, осмо по  ред издание на СП У19, а Македонија и овој пат се покажа како совршен домаќин. 
Како што е ред, ќе почнам од тие што го одбележаа овој шампионат, Египет и Германија, двете со право и заслужено во финале. 

Прв пат една неевропска селекција е светски шампион и тој успех уште повеќе добива на тежина затоа што е остварен на Европско тло. Колку е сам по себе значаен, ќе каже и податокот што од дамнешната 2005 кога Србија и Црна во финалето ја совладаа Кореја, ниту еден од носителите на медал не бил вон Европа. 

Поединци како Ахмед Хешам (МВП), Хасан Валид (најдобар стрелец) и голманот Албделрахман Мохамед (Ол Стар тим), само се дел од еде добро селектиран тим чие време доаѓа. Ако додадеме на ова и бронзата од Јуниорското СП летово во Шпанија и одатокот дека тоа е четврто полуфинале за ЕГипет од 2009 досега, можеме само да препотставуваме што ќе се случува на СП 2021. Во Каиро каде пред 30.000 навивачи и премолчен ветер во грб што домаќинот секогаш го има, но и од вечниот претседател на Светската федерација, се уште моќниот и влијаелен Хасан Мустафа, можеби ќе го досонуваат својот сон за сениорски медал. 

Германија, пак, изненадувачки за прв пат играше финале на кадетско СП. Одлично воден, добро оргнизиран и бескрајно (германски) упорен, дисциплиниран и добро балансиран тим. Предводен од суперталентираниот плеј Маверс (по таков „панцерите“ трагаат со години), па одличен Костер кој доминираше во одбрана, иако во секој друг тим би бил и лидер на напад, до Јепесен на голот. Една негова послаба партија, во финалето ги чинеше и златен медал и титулата за најдобар индивидуално.

И да додадам овде за поука на сите нас, тренери, нешто од што сите упорно бегаме, а никако да побегнеме. Сопственото его. Мартин Хојбергер, бивш репрезентативец и човек чија тренерска кариера е непосредно врзана со многу успеси, вклучувајќи и Светски и Европски првак, човек кој доби мандат и сам да води сениорска репрезентација од 2011 до 2014... Е тој Хојбергер минатата година по се што има минато, се врати да ја води јуниорската и да биде координатор на младите категории и не го сметаше тоа за „помалку вредна работа“. И види чудо, ете ги повторно на подиум. 

А кога сме веќе кај ѕвездите, вистинските беа селекторите на некои од најдобрите сениори. Лино Червар кој овде беше „дома“ или Жорди Рибера, селектор на Шпанија и некој кој беше често виден гост на шампионатите на млади категории. Тивок студиозен, речиси неприметен кој секогаш има нешто да запише во тефтерот.
За жал на некои други селектори или тренери од регионот Скопје им беше предалеку или имаа „поважни“ работи. И покрај разбирањето за дневните обврски и можноста преку интернет да се следи, зарем не можеше да се испланира барем завршниот викенд да се гледа во живо? Да се опипаат трендовите, да се видат некои нови идни ѕвезди, да се разменат мислења со колегите и патем да се провери дали се скопските ресторани уште толку добри... а добри се. 

Скопје како организатор? За мене беспрекорен, а кој сака да бара маани секогаш може да се снајде. Две одлични сали пристојно разладени и нашминкани за СП. Со кадар, луѓе, спремни да одговорат на сите задачи и стандарди.
Можеби можеше повеќе публика, но секако имаше повеќе отколку во Шпанија на СП за јуниори, посебно во финалниот ден. А тоа не е дело на годишните одмори, туку на благо пробирливиот вкус на скопската публика која гледале и (искрено верувам) ќе гледа и во иднина врвен ракомет на сениорски репрезентации и клубови во рамките на ЛШ. 

Тоа што јас би сакал да го видам, пак, е апсолутно поинаков календар.  Каде што летата ќе бидат резервирани за Светски првенства и тоа на четири години, со максимално едно големо натпреварување годишно. На пример само првиот дел од 2020 ќе биде „Ко преживи...“ Никогаш поголемо ЕП, ЛШ со се Ф4 во Келн, па Олимписки квалификации и на крајот ОИ Токио. Потоа се чудиме кога поради преоптовареност ги губиме тие најголемите како Неагу, Карабатиќ... ѕвезди поради кои се гледа ракомет, поради кои почнува да се игра...

Треба да застанеме и анализираме каде стигнавме со „А“ и „Б“ превенствата во млади категории? Се е тоа под прекривката „ширење популарноста“ и давање шанса на малите. А во суштина, како што во следните години ќе биде случај со новиот формат на ЛШ, му го одземаме на овој убав спорт правото на глобалност и можноста на терен на се решава победникот. (ПРВ ДЕЛ)

Поврзани вести

Ви се допаѓа текстот?
Кликнете Like на нашата FB страница и станете дел од g-sport.mk