Ќе играме два баражи за СП Египет 2021

По долги комбинаторики и собирање на информации од различни страни, конечно, стигнавме до дел од формулата според која ЕХФ и ИХФ ќе ги искомбинираат квалификациите за Светското Првенство во Египет, европската зона. 

Со секоја коцкичка што ја додаваме се отвора квалификациска слика што не ни се допаѓа, искрено. Со зголемувањето на бројот на учесници од 24 на 32 требаше да се разводни конкуренцијата во квалификациите, но нема да биде така. ИХФ и ЕХФ ги поврзаа квалификациите со следниот олимписки циклус и стана поприлично хаотично. 

Но, да почнеме со ред. 

СП Египет
Европа има вкупно 14 места.
Данска е директно пласирана на СП 2021. На Европа и остануваат 13 места и Данска. 
Три репрезентации од ЕП 2020 директно на СП 2021 (Победникот и медалистите. Ако Данска е меѓу првите три, тогаш и четвртопласираниот на ЕП ќе оди директно на СП). 
Тоа значи дека Европа ќе има вкупно 10 места и четири директно пласирани репрезентации на СП. 

Прва фаза: 
15 екипи што не играат на ЕП 2020 играат квалификации во октомври и јануари. Поделени се во четири групи, победниците на тие 4 групи ќе играат во втората фаза на квалификациите. 
Остануваат четири директно пласирани (Данска плус првите три од ЕП), 10 места и 24 репрезентации што ќе играат квалификации. Но, бидејќи не знаеме кои се тие три, ќе мора да ги броиме сите во овој момент. 

Втора фаза: 
Тука почнуваат компликациите. Сите репрезентации што нема да играат квалификации за ОИ би требало да играат во првиот бараж во април. Тоа се 19 репрезентации. 

Осумте репрезентации што ќе играат квалификации за ОИ и 10 репрезентации од квалификациите (како ќе одредат 10 не е објавено, веројатно една директно во јунскиот бараж и девет бараж дуела во април) потоа во јуни се среќаваат во баражот за СП во кој олимписките квалификанти и уште еден среќни ќе бидат во првиот шешир. 

Но... 

Рековме дека од ЕП 2020 на СП 2021 одат директно три репрезентации. Мошне веројатно овие три репрезентации ќе играат и во Олимписките квалификации (Норвешка, Шведска, Франција, Хрватска, Германија, Шпанија плус две најдобропласирани од ЕП 2020 што не се на овој список). 

Тоа значи дека ИХФ во првиот шешир нема да има 8 репрезентации од олимписките квалификации туку пет. Другите четири места, за да се стигне до бараж 9х2 треба да бидат пополнети од некои од квалификантите што играле во априлскиот бараж. Иако не е потврдено, според досегашната пракса и логика следниот репер треба да биде пласманот на ЕП 2020. 

Подвлечено, за место во првиот шешир за баражот за СП Египет 2021, Македонија мора да се пласира во Олимписките квалификации или да биде пласирана на ЕП 2020 до 13 место. Пласманот до 13 место е условен со пласманот на репрезентациите што ќе играат на квалификациите за ОИ да бидат под 13 место на ЕП 2020.

Прилично е хаотично и тешко за разбирање, но тоа е така затоа што последните детали за втората квалификациска фаза ЕХФ ги има објавено минатата година. И веруваме дека на прсти можеме да ги избрoиме одговорните личности во ЕХФ и ИХФ што точно знаат како тоа ќе изгледа.  





 
Ви се допаѓа текстот?
Кликнете Like на нашата FB страница и станете дел од g-sport.mk