КОМЕНТАР: Се сретнавме со реалноста во 1/8 финалето (Втор дел)

Пишува: Р. Ѓамовски

Заврши мундијалот за играчи до 19 години во Македонија прв пат со победа на неевропска репрезентација - Египет. Којзнае колку пати во текот на првенството повторивме, требаше да дојдете во сала и во живо да ги видите. Првата постава има просечна висина од 195 водена од 203 високиот бек Алсајед. Среброто го освои Германија, екипа што има четири играчи над 202 см во тимот. По нив Данска, сосема слична на Египет, бековска линија со се резерви играчи најмалку 195 см. 
Четврта е Португалија, екипа во која неблагодарните битки ги водеа Тиаго Соуда, Салвадор Салвадор и Оливеира, сите преку 190 см. Нападот го креаираа пониските играчи. 

И сега да погледнеме во една друга реалност. Во репрезентацијата на Македонија има само еден играч повисок од 188 см. Тоа е Младеновиќ (195 см), а и тој за волја на вистината е (полу)натурализиран. 

Можеме да се пофалиме дека Мартин Серафимов е втор најдобар стрелец и најдобар асистент, но среќна околност е што игравме со Португалија во 1/8 финалето, а не со која било друга „џиновска“ екипа, затоа што слични на Египет, Данска и Германија се и тимовите на Исланд, Франција, Унгарија... Ако Серафимов не изведе некоја преобразба од типот „Тони Кукоч во НБА“, со оглед на статусот „А“ репрезентативец, проблемите што ќе дојдат ќе бидат поинакви, ќе имаат над 200 см и над 100 кг мускули и имиња како Лемке, Винцек, Пекелер... 

Овде повторно се отвора прашањето на селекција, а одговорот останува ист. Тоа е тоа што е произведено и што го имаме. А сакаме 1/4 финале? Можеби во цела оваа приказна единствената погрешна селекција е што шанса не добија најперспективните од генерацијата 2002. Но, од друга страна ова требаше да е круна на генерацијата 2000 и такво мешање стратешки можеби исправно, морално ќе беше друга приказна. 

Колку повеќе чепкаме низ противничките екипи, оние со кои сакаме да се мериме, толку повеќе коцкички се склопуваат во мозаикот што конечно ќе даде слика дека и 1/8 финалето е голем успех. Посакуваното 1/4 финале во кое играа Франција со кадри од нејзините светски фалени центри за формација, Исланд кој повеќе од две децении успешно произведува кадар за Бундес лига и Данска, Унгарија која овде доведе продукти на кои со години во одвоедн систем работат во Веспрем, Сегед и неивните филијали... Овде дури не пројдоа системите на Словенија, Хрватска исто така усовршувани повеќе од десетина години. 

Прашањето што се наметнува е зошто ние немаме такви играчи? 

Од разговори со речиси сите тренери на ова СП што водеа перспективни генерации, а и од претходните истражувања, одговорот повеќе помалку се сведува на исто. 

Затоа што играчи се прават во клубовите а не во репрезентацијата.
Тука веќе се среќаваме со проблем. За да не ги навредам тренерите и сопствениците на клубовите, вака ќе ја составам реченицата. Во нашите клубови се работи добро и се произведуваат играчи. Но, во државите со кои сакаме да се мериме, а тоа се тие од 1/8 финален или скалило погоре 1/4 финален ранг, се произведуваат подобри играчи. 

Репрезентацијата учествува во тој процес, но во Македонија тоа се два одвоени процеси кои не се координираат, напротив. На (не)искусно око ќе му изгледа и дека во одредени ситуации работат еден против друг. А овде не зборуваме за препукувања на социјални мрежи. 

Алармантно е и што во клубот каде има(ше) систем и од каде се брусеа репрезентативци и од каде стигна целата претходна генерација, Металург, запчаниците отапеа и каде и да е ќе прескокне или ќе заглави тркалото. 

Генерацијата 2000 речиси го одигра своето. Имаат пред себе уште еден ЕХФ Шампионат, на кој и да победат единствената награда ќе им биде позлатена чинија, тапкање по рамо и фотографија за спомен. Благодарение на ЕХФ, исто како и нивните постари колеги. 

На Македонија и е потребна реконструкција, интервенција во системот на натпревари во младинските категории. Мора еднаш за секогаш да се стави крај на мешањето на генерациите. Некои играат со помлади други со повозрасни. Тренери, клубови тоа го користат за лична или клупска промоција. Да биде појасна сликата, минатата сезона во македонската Младинска лига право за настап имаа Мартин Велковски, Томи Јагуриноски, Филип Арсеноски, Димитар Димитриоски. Можеше условно кажано со песна Металург да го освои тоа првенство. Не го злоупотреби ова, па играше со „Генерација 2000“, но имаше екипи што првенството го играа и со „Генерација 98“ во составот. И сега се повикуваат на тој резултат. И тоа се прелева надолу во помладите конкуренции. 

Сега е истото, во младинска категорија ќе смеат да играат Серафимов, Младеновиќ, Кизиќ, Карапалески, Џигероски и сите репрзентативци од 2000... Нив во моментов ги гледаме како потенцијал за А репрезентација, а не младински шампионат. Но, ако нивните клубови мислат поинаку...

Календарот за натпреварување е следното што мора што побрзо на разгледување. Првенството во Младинска конкуренција заврши на 31 март. Четири месеци пред СП. Тоа е преголема пауза за играчи што немаат статус и  доволно минутажа да се одржат во форма. Тука и нивниот професионализам го ставаме на линија. 

Следната година е клучна, Генерацијата 2002 има шанса, одново благодарение на РФМ на домашен терен, преку ЕХФ Шампионат да се врати во „А“ Дивизија. 
Ако успее тогаш на ЕХФ Еуро ќе се бори за пласман на СП и за место на ЕХФ Еуро за Генерацијата 2004. 
Ако не успее, тогаш нема да видиме кадетско и јуниорско СП до 2023 година. А нема ни ЕХФ Еуро се додека Генерацијата 2004 не отиде и не освои ЕХФ Шампионат, што тогаш нема да се игра во Македонија. 
Добра вест од „Генерацијата 2002“: Имаме еден играч висок 204 см и најмалку три бека високи 196-197 см. 

Селекција од најмлада возраст, систематско следење на развојот на секој потенцијален репрезентативец, кооридинирана работа на клубовите со штабот на репрезентацијата, модифицирање на системот на натпреварување во младите категории се основите по кои треба да се оди. Едукација на играчите, тренерите... Изгледа сизифовски, секоја Генерација да почнува од почеток. 

















 

Поврзани вести

Ви се допаѓа текстот?
Кликнете Like на нашата FB страница и станете дел од g-sport.mk