КОМЕНТАР: Се сретнавме со реалноста во 1/8 финалето

Пишува: Р. Ѓамовски

„1/8 финале е реалност, 1/4 финале е желба, се над тоа е голем успех, под тоа голем неуспех“ - за прв пат по многу години имавме малку поубаво дефинирани амбиции пред големо натпреварување, за разлика од традицоналното одење чекор по чекор, без притисоци... 

Реалноста ја видовме и достигнавме, 1/4 финалето беше убава желба. Реалноста е таа што ја видовме, иако не е таа што ја замислувавме. Македонија има тим за до 1/8 финале и тоа не е резултат на групата што ја одбравме. Како тим од третиот шешир веројатно ќе стигневме до 1/8 финале во која и да бевме група. Тука замената Португалија направи мало пореметување во групата Д, но кој можеше да знае каква е Португалија додека не ја видовме на дело?

Осмина финале е нашата горна граница, дури имавме и шанса за 1/4 финале, па сепак, не сме задоволни од тоа што го видивме на теренот. Очекуваваме победа над Аргентина, хм Јапонија ни изгледаше како одличен избор при ждрепката, Бахреин тимот на кој требаше да се внимава. Видовме како тоа изгледаше на терен и колку лоши можеме да бидеме. 
Но, има и поубава страна ако се гледа од поинаков агол, на два натпревара бевме добри, иако ги загубивме. Со Данска и со Португалија. Два тима што се во полуфинале. Против Португалија имавме и шанса за победа. Им водевме во 53 минута. Истата Португалија што од шега ги збриша Германија, Исланд... заклучно со Франција во 1/4 финалето. Значи не бевме само лоши, имавме и добри моменти. 

Веројатно уште не беа ни влезени во соблекувална играчите по елиминацијата во 1/8 финалето кога осамнаа постовите во кои се бара оставка од селекторот и се потенцира дека имало погрешна селекција на играчи. 

Погрешна селекција на играчи? Вака поставено, со поразите од Јапонија, Аргентина и маките со Нигерија и Бахреин како адути без да се направи подетална анализа, реченицата има манипулативни карактеристики. Се добива впечаток дека ние имаме други многу подобри играчи што не се повикани,  а играат врскаџии и форсирани играчи. 
Дали е тоа така? Сметам дека не е.

За жал немаме во Радовиш некој си Криштопанс што неоправдано останал дома, ниту од Свети Николе доаѓа нов Кирил Лазаров, а ни во Охрид нема нов Ивано Балиќ. 
Реалноста е дека тие два-три играчи што се споменуваат дека се изоставени во селекцијата - немаше да направат разлика. Ако ги исклучиме Серафимов, Костески и Кизиќ, тука се некаде со квалитет со тие што ги видовме на терен. Ако ги прашате нивните клубови се подобри, ако го прашате селекторот се полоши од селектираниве. Но, дека имаме типови како Андре Соуса и Мартим Кошта, а не се повикани - немаме. 

Нема да се докажуваме - впрочем, еве почнува сезоната, „скокнете“ до која било сала и ќе видите кои играчи од генерацијата 2000 ги имаме на располагање. Ако воопшто ги видите во игра, ако не ја греат клупата на некој ветеран од Македонија или Украина или пак засилувања од силните првенства на Србија односно Црна Гора или пак егзотиките од Гана, па се до најновата аквизиција од Нигерија. 

Не ја искористивме предноста на домашниот терен е една исто така често користена флоскула. Не знам кој како сфаќа домашен терен, но во ракомет тоа значи полни трибини и барем дваесет насто помош од судиите. 
Со просечно 1000 гледачи на трибини и млади судии и судијки што се учат да судат и место помош - зијан, од домашен терен видовме само познати сали, поголем притисок и познато плукање по социјалните мрежи. 

Дали можевме подобро од ова? Настрана флоскулата дека секогаш се може, можевме да играме подобро, но да се пласираме во 1/4 финалето - не. И да успеевме еве со сите балкански финти некако да ја изиграме Португалија кога имавме шанса - немаше да биде заслужено. Само ќе се лажевме дека сме нешто што не сме. 
Не знам како изгледаат натпреварите на лајв стрим. Можеби Германците и Данците изгледаа пониски, Шпанците побавни... Но, сите што беа во сала вчера, можеа да видат како (треба да) изгледа 1/4 финален тим. И да споредат дали сме и ние таков. 

Ниту ни е намера, ниту ќе го поштедиме од одговорност и селекторот Данило Брестовац. Имаме низа замерки за натпреварите на Македонија. „Игравме добро во Бугојно и тоа без Кизиќ, Гајиќ“ ... беше некој репер за тоа што требаше да го играме и овде. Таму игравме добро, но дека се покажа како репер - не се покажа. Германија со која се носевме таму, овде дојде со 11 нови играчи. Меѓу нив и Аханосу, Костер, Јепсон, Дам... Словенија на која таму и направивме епски кам бек, е послабо пласирана на СП од нас, а Полска која не ни учествува на СП беше победник. 
Можеби требаше барем уште два контролни натпревари пред СП. Ќе се видеше дека нашите центри се преспори и некреативни. Тоа беше сериозен проблем на СП. Можеби порано ќе му се пуштеше раката на Младеновиќ, а на крајот на краиштата ќе видевме и дали играчите што не се стартери, а и дел од тие што стартуваа се доволно добри. Ехем, можеби и некој од тие што не се селектирани ќе ги видевме на дело, па сега ќе можевме со повеќе аргументи да го браниме ставот. 
Но, кога веќе му (пре)ќутевме на Раул кога одбиваше контроли, исто и на Червар пред него и на Обрван пред него, сега и за Брестовац ќе погледнеме на другата страна. 

Имаме замерки и за ротацијата. Гајиќ беше некое мало освежување, но не го видовме со Португалија. Можеби со Аргентина кога Серафимов имаше 4/15 требаше Костески да го видиме како десен бек и така го тераа во Струга да игра пола сезона на таа позиција. 
Ако екипата не игра како што е договорено, а тоа имавме можност да го слушнеме повеќе пати - вината е на селекторот. Ако од натпревар во натпревар се повторуваат веќе идентификувани грешки - вината е на селекторот. Ако екипата не се бори - вината е прво за селекторот. Ако нема мотив треба да се најде, ако нема хемија, треба да се создаде. Ако некој играч не одговори на поставеното ќе седи на клупа или на трибина. Затоа две години се спрема оваа репрезентација. 

Нема да ги штедиме ниту играчите. По неколку години веројатно ќе сфатат каква шанса им била сервирана и како одговориле на предизвикот. А изневерени очекувања тешко се поправаат. Ќе видат на своја кожа. 

Но, дали е ова доволно за да побараме оставка? Не е. На крајот на денот повторно ќе го повториме ставот. Нашиот лимит на ова СП беше 1/8 финале. Апетитите на јавноста, најмалку 1/4 финале. Можевме да одиграме подобро, да оставиме подобар впечаток, но резултатот ќе беше истиот. Вложеното количество на труд овој пат не даде резултат.
Првенството го завршивме истиот ден со Хрватска, Шведска, Јапонија, Тунис, Словенија, ... тоа што сме во ова друштво засега треба да ни биде доволно. (ПРВ ДЕЛ)














 

Поврзани вести

Ви се допаѓа текстот?
Кликнете Like на нашата FB страница и станете дел од g-sport.mk