АНАЛИЗА: Кои се и што играат Португалците?

Пишува: Р. Ѓамовски

Македонија утре во 1/8 финалето на Светското првенство ќе се сретне со екипата на Португалија. Тимот што дојде како замена за Океанија и по пет кола е хит на шампионатот, со победи запишани над Германија, Исланд, Србија, Бразил и Тунис. 
Сега е редот на Македонија да ги притисне и да ги натера да ја клоцнат кофата со млекото. 

„Не ја сакам Македонија за противник во 1/8 финалето“, ни изјави Карлос Мартинго, селекторот на Португалија уште пред два дена. Сега, нема избор, а и по вчерашната претстава на Македонија со Јапонија, можеби и го променил мислењето. 

Португалија на клупата го има Карлос Мартинго. Поранешен играч на Порто, потоа тренер на Аванка и сега асистент на Швеѓанецот Магнус Андерсон на клупата на Порто. 

Нивниот тим не импонира со физички карактеристики. Немаат ниту еден двометраш, ниту ракометар со повеќе од 100 кг. Би рекле дека се слични по конституција на Македонците. Во секој случај поблиски отколку што ни се на пример Данците или Германците. 

Играат два типа на одбрана. Главната им е 6-0, но менуваат и со 5-1. Имаат два сосема солидни голмани во Магалаеш и Оливеира, но досега нивните чувари на мрежата, иако имаат одбрането важни удари, не беа во центарот на вниманието. 

Во центарот на внимението се нивните бекови. Нивниот највисок играч е Салвадор Салвадор (197 см), ракометар на Спортинг. Тој е задолжен да ги решава тешките случаи. Имаше многу работа со двометрашите од Германија како Костер и Зибер-Мејер на отворањето на мундијалот и мечот со заврши со МВП подарок во рацете. Салвадор е лев бек. но често ги почнува акциите и како централен пред да почне вкрстувањето. 

Нивниот најдобар играч на почетокот на турнирот беше Мартим Кошта. Лев бек од екипата на Гаја. Мартим Кошта беше ракометарот што ја разби високата 6-0 зона на Германија со игра еден на еден и развлекување на нивната зона. Патем им даде 10 гола.
Но, Мартим Кошта е болен, пропушти неколку натпревари, иако утре  го очекуваме на терен. Неговото отсуство  извади ново опасно оружје на Португалија на фронтот. 
Мартинго на терен ја испрати и резервната постава, а таа е рамо до рамо со првата. Салвадор се пресели на клупата а диригентската палка и одговорноста ја презема Андре Соуса, централен бек од екипата на Порто. 
Соуса знае се од ракомет. Шутира, пробива, разигрува и ја повлекува екипата. Многу убаво ја води играта во тандем со Даниел Невес, физички најсилниот играч на Португалија. И тој е лев бек, а доаѓа од Бенфика. Невес е и потрошувач на топки и можеби себичен на моменти, но знае да погоди од секоја позиција. 

Единствен хендикеп на Португалија е што многу често на позицијата десен бек игра играч што шутира со десна рака. Даниел Виеира е нивниот левак, но кога е жешко играат три деснораки бекови. 

Крилата и пивотите не отскокнуваат особено од екипата, иако си вршат добра работа. Надворешната линија е таа што ја носи Португалија. 

Португалците имаат широк репертоар на удари. Ако Салвадор на пример шутира преку зона, Кошта и Соуса шутираат и ниско и под рака на одбраната. Вешти се и спретни во игра еден на еден, па наша препорака е да се внимава на нивното движење и да се напаѓаат нивните нозе, не само раката и телото. 

Германија е единствената што против нив се проба и со 6-0, 5-1, 4-2 и 3-2-1. Најголем успех имаа со 5-1 зоната и практично ги преполовија во ефектот. Но, Исланд исто така се обиде со 5-1 и нивниот успех не беше на исто ниво. Најлошо минаа Германците со 4-2 и со 3-2-1, но тоа е и до начинот на кој играа. 

Србија им го направи вистинскиот притисок. Им поведе 8-1, но потоа застанаа. Самите се виновни. Можеби изјавата што ја слушнавме на полувремето, во тунелот кон соблекувалните, од еден српски ракометар ќе ви долови подобро зошто Србија не успеа да ја зачува предноста и на крајот ја загуби средбата.

„Воопшто нека не излекуваат од соблекувална. Да не се мачиме ни ние ни тие“... 

Ваквото надмено однесување и потценување на португалските ракометари на крајот ги чинеше пораз, севкупно и елиминација, па од утре ќе играат Президент Куп. 

„Многу добар тим се, многу добро се организирани и во напад и во одбрана. Ние на тој натпрвар не можевме да направиме многу“, изјави Рикардсон, селекторот на Исланд кога го запрашавме за мислење за Португалија. Исланд загуби 24-28. 

Португалија е голем фаворит во однос на Македонија, треба да бидеме свесни за тој момент. Но, сметаме дека нивниот стил на игра повеќе ни одговара отколку да се бориме со двометрашите од Германија и со Исланд што во моментов е комбинација на Германија и Португалија, барем во однос на нашиот тим.  За стилот на Португалија и на Јапонија воопшто не би дискутирале. 







 

Поврзани вести

Ви се допаѓа текстот?
Кликнете Like на нашата FB страница и станете дел од g-sport.mk