Миграцијата е заслужна за подемот на младите

Минатата година на Европското Јуниорско првенство во Словенија, Португалија дојде како аутсајдер. Но, покажа многу, заслужи според многумина да игра и во финалето на турнирот. На крајот заврши како четвртопласирана. 
Од таа генерација веќе имаат четири играчи што каде и да е, ќе се приклучат кон сениорите. Тоа се десниот бек Диого Силва кој следнава година ќе игра за Целје, централниот бек Гончало Виера, левиот бек Андре Гомеш и пикерот Луиш Фраде. Имаа и одлични голмани, добра работа вршеа нивните крила. 

Ако клубовите на работат добро, нема да имаме ни добра репрезентација - Карлос Мартинго

На мундијалот во Македонија, Португалија дојде како замена за Океанија. Овде по четири натпревари имаат четири победи и тоа над Германија, Исланд, Србија и Тунис. Првото место во групата пред 1/8 финалето им е загарантирано. 
Од оваа генерација ги издвоиме левиот-центален бек Салвадор Салвадор, левиот бек Мартим Кошта, потоа Даниел Невес...

„И Андре Соуса е одличен играч и тој може да повлече и многу да напредува“, го додаде на Карлос Мартинго, селекторот на Португалија својот адут откако му ги изброивме играчите што веќе можат да склоат сериозно силна репрезентација, а никој од нив нема повеќе од 21 година. 

- Португалија одеднаш извади две млади селекции што можат да се борат за медал. Мора да имате некоја тајна состојка во вашата репрезентација. Која е тајната на подемот на португалскиот младински ракомет. 

„Нема тајна. Имаме добри играчи, добри клубови и добри тренери“, низ смеа додава Мартинго. „Добрата работа во клубовите е клучна за напредокот. Ако нема добри клубови во кои се работи квалитетно нема да има ни добри играчи за репрезентациите. Поголемите клубовите во Португалија го подигнаа нивото. Работат подобро, почнаа да доаѓаат квалитетни засилувања. Младите играчи почнаа да го прифаќаат ракометот како професионален спорт, како нешто од што ќе можат да живеат и заработуваат“, вели Мартинго. 


- Сепак, во редовите на Португалија има неколку вонсериски играчи што не доаѓаат од големите клубови. 

„Сите го следат примерот. Нашиот проблем не е квалитетот, туку квантитетот. Немаме многу играчи на број. Се друго е квалитетна работа во клубовите. Пристапот, едукацијата, квалитетни тренери“. 


Но, ова веќе е ракометен бум, што се промени во однос на не толку дамнешното минато?

„Претходно во првенството имавме повеќе возрасни играчи. Сега голем број од тие ракометари заминуваат во странство. Претежно во француските клубови. И тие таму напредуваат, но побитно таа миграција на играчи остава многу повеќе простор за помладите ракометари да играат во првенството. Така на помала возраст добиваат искуство, а ние добиваме квалитетни млади репрезентации. Сега имаме два квалитетни тима, но останува да видиме како ќе се развиваат“, вели Мартинго. 


Португалија е плус уште еден од примерите што сите теории за системи за развој на млади категории, процеси што треба да се минат и ред други работи ги сведуваат на една вистина. 

Клубовите се клучот. Ако клубовите имаат добри стратегии и работат квалитетно со младите категории и има даваат вистинска шанса а не популистичко играње „5 минути“ на веќе завршен натпревар, ќе имаме продукција на квалитетни млади ракометари. Ако клубовите на сметка на вложување во домашни играчи и тренери тоа го занемарат и за остварување на побрзи резултати буџетите ги насочат кон купување на (полу)готови производи од регионот или низ целиот свет нема да имаме квалитетни играчи.
Истиот резултат ќе го добиеме и ако ангажирање на повозрасни домашни играчи кои заедно со странците лесно ќе го заземат местото на помладите, ќе го закочат нивниот развој и како финален резултат ќе претстават остварување на некаква резултатска амбиција на клубот. 
Нема различен епилог да има и ако под изговор дека се работи со млади категории, за да се заштедат пари се фрлат млади играчи во оган со лош менаџмент на клубот или тренери што не им е целта да направат играч.





 

Поврзани вести

Ви се допаѓа текстот?
Кликнете Like на нашата FB страница и станете дел од g-sport.mk