ВО ФОКУС: Продолжува бајката на Португалија

Ако со заминувањето на Червар од Македонија и дефинитивно кренавме раце од копирање на хрватскиот систем на работа со млади категории, а словенечката организација од училиште, мал клуб, поголем клуб - Целје ни е далечна и немаме доволно кадри, тогаш можеби треба да погледнеме и купиме некоја лекција од Португалија. Некако ни се и најблиски со темперамент, физички карактеристики... 

Вистински бум доживува оваа држава. Откако десетина години немаа ниту еден, сега имаат два клуба во ЛШ и добро котираат во ЕХФ. Репрезентацијата ќе им игра на ЕП, патем ја победија и Франција на свој терен во квалификациите, а во младински категории две години се хит. 

Нивните јуниори играа полуфинале и на ЕП минатата година и на СП минатиот месец. Успеаја од таа генерација да извадат најмалку четири одлични играчи (Диого Силва, Андре Гомеш, Луиш Фраде и Гончало Виеира). 

Поради катастрофално лошиот систем за квалификации на ЕП и СП во младинските категории, Португалија годинава не требаше да игра на СП Македонија. 
Но, Океанија откажа и нивното место го зазема Европа, па Португалија дојде во Скопје. И имаме што да видиме. Во Борис Трајковски, ова е најдобриот тим досега. 

Прво ги изместија од место горопадните Германци, потоа направија епски пресврт и ја победија надмената Србија, а денеска му земаа мерка и на Исланд. 
До крајот на групната фаза им остануваат уште дуелите со Тунис и Бразил. Ако не летнат во облаци, тоа ќе бидат сигурни победи и прво место во групата. Можен дуел во 1/8 финалето со Македонија или Јапонија... доколку се оди како што посакуваме, таква ќе биде разврската. 

Селекторот Карлос Мартинго има состав што на прв поглед не делува импресивно. Дури и кога ги гледате како играат, не добивате впечаток дека овие момци ќе отидат многу далеку. 
Но, имаат срце-планина, имаат фантазија и што е најбитно - колектив се. 

Како илустрација - Првите два натпревара ги решија левите бекови Салвадор Салвадор (Спортинг) и Мартим Кошта (Гаха). И кон нив беа насочени погледите денеска. 
Мартим Кошта во денешната победа од 28-24 над Исланд не влезе во игра, а Салвадор играше само 12 минути и постигна еден гол. 

Затоа против Исланд се појавија Даниел Невес лев бек на Бенфика (18), Даниел Виеира десен бек на Аванка и Хозе Андре (18) централен бек на Брага. Тие заедно постигнаа 14 од 28 гола на Португалија. Сите од игра, сите од бековска позиција. Вкупно 14 гола од 19 обида.  

Не е битно колку далеку ќе отиде Португалија на овој мундијал. Барем не за нас. Но, ако на Гомеш, Диого, Фраде и Виеира им се додадат и Салвадор, Кошта, Невес ... тогаш добиваме екипа на Португалија со најмалку седум одлични играчи, сите на возраст до 21 година. 
Ако продолжат по тој правец, а повозрасните напредуваат добро (Фраде - Спортинг, Гомеш - Порто, Диого - Целје), во следните десетина години Португалија ќе има репрезентација што ќе може да цели и кон медал на сениорските шампионати. 
Ви се допаѓа текстот?
Кликнете Like на нашата FB страница и станете дел од g-sport.mk