СП, ДЕН ПРВИ: На крајот на војната се бројат жртвите

Пишува: Ричи Ѓамовски

Заврши, најтешкиот, првиот ден од Светското првенство за кадети или ракометари до 19 години што се одржува во Македонија. 
Вчера имавме можност да поразговараме со 12 селектори што своите репрезентации ги водат во Борис Трајковски Арена, а веруваме дека и колегите што мундијалот го следат од Јане Сандански би потврдиле дека сите до еден кажаа иста работа - Ова е прв ден, најтежок е. Никој не игра на своето вистинско рамниште, притисокот е различен и секој на свој начин се справува со него. 

Дел од македонската јавност, што ракометна што чисто спортска се потрудија на нашата ракометна армија долу на теренот, најтешкиот ден да им го зачини и со најтешка ноќ. 
Исукани ножеви, подготвени тастатури и жртва сервирана на послужавник. Нема да навлегуваме во тој свет, во овој момент сите критичари се во право. Македонија вчера беше екипа без јунак што ќе повлече и ќе ја реши битката. Ниту од клупата ниту на теренот немаше потег што ќе не претвори во победници. А 40 минути бевме тргнати кон победничко мундијалско отворање. Но, ако главниот играч има шут 4/15, сите голови се од пенал, а на терен минал 54 минути, тогаш селекторот и треба да очекува стап и по својот грб. 

Селекторот Данило Брестовац вчера и денеска е првиот за отстрел кај дел од јавноста, иако претпосавуваме дека и преостанатиот дел од јавноста полека ја губи довербата. Толку треба, еден меч и тоа првиот за да се помножи со нула и сениорскиот резултат и јуниорскиот од шампионатот лани. 

Можеме да му пружиме рака за една работа. Вчера излезе пред сите новинари и вината ја побара во себе. Не ни „продаваше“ приказни за тоа каква велесила е Аргентина, дека тоа е држава со 45 милиони жители и дека од таму потекнуваат Меси и Марадона. Ниту пак, јазикот ни беше некоја бариера за незгодни прашања, па да одговара само на тие прашања што добро ги разбрал. 
И тоа е чекор напред. Но, тој чекор ќе биде во празно доколку грешките што ги видовме вчера, ги видиме повторно. 

На крајот на војната се пребројуваат мртви и ранети. Ако ние своето оружје го свртиме против нашите по само една и тоа првата загубена битка, нема да ја добиеме ниту војната
Би било убаво ако најдеме начин како да дадеме поддршка  за Серафимов и Младеновиќ, очигледно е дека им треба малку ветер во грб, да го цениме Костески, Кизиќ, да ги охрабриме Џигероски, Карапалески, Ќосевски, Кондев, Георгиев. Истото важи за Брестовац, Матлиески и Грчевски... па да видиме како ќе нѝ вратат. Време за критики секогаш ќе има. Моментот кога треба да се даде поддршка е сега. 

Македонија ја гледаме како домаќин и тоа треба да биде предност за нашите. Но, ниту салата вчера нешто посебно се наполни со љубители на ракомет, ниту пак судиите „дувнаа“ нешто домаќински. Сето друго е познат амбиент и зголемен притисок. 

Тешка ноќ преживеа и Ерик Вутке, селекторот на Германија. Би им препорачале на сите ракометни фанови да дојдат барем еднаш во Борис Трајковски и да погледнат и некоја од другите екипи. Посебно Германија. Да фрлат само еден поглед кон Костер, Мејер-Зибер, Ахуаносу и да видат со какви грамади од луѓе Германија не можеше да се носи со Португалија. 
Да ги погледнат и Салвадор Салвадор и Мартим Кошта, наследниците на Дигор Силва и Андре Гомеш. 
Тука, во Борис Трајковски цела недела ќе играат и веќе славниот Хаукур Трастарсон во редовите на Исланд и синот на Јан Питлик како лидер на Данска. 

Некако приказната сама не носи кон екипите што вчера разочараа. Ако Македонија и Аргентина се репрезентации со 10 + на ракометната скала, тогаш што да кажат Норвешка и Шведска? Норвежаните прегазени од Хрватска, Швеѓаните можеби треба да најдат некој начин повеќе да не играат против Египет затоа што не можат со ниту една репрезентација да ги победат. 
 
Ви се допаѓа текстот?
Кликнете Like на нашата FB страница и станете дел од g-sport.mk