Кирил Лазаров: Селектирањето отпад е рутина за целото мое семејство

Кирил Лазаров е нашиот најдобар ракометар, вистински амбасадор на нашата земја во Европа и во светот, но и голем борец за почиста животна средина. Лазаров во својата богата интернационална кариера живеел во повеќе држави, Хрватска, Унгарија, Шпанија и Франција, каде што е и во моментов. За весникот на компанијата „Пакомак“, „Зелен Предвесник“, Лазаров објаснува за животот во сите овие држави и за високата свест на населението за екологијата и за третманот на отпадот.
Сопругата е главниот екологист во семејството
Вклопувањето во секојдневните навики на големите европски градови каде што живеел, вели, не биле потешкотија за неговото семејство. Тој, сопругата и двете деца редовно селектираат отпад, затоа што, вели тоа е вистинскиот начин да се зачува и заштити нашата планета Земја.

„Отпадот го селектираме веќе подолго време, а главен иницијатор беше мојата сопруга. За многу кратко време успеавме да ги едуцираме и нашите деца, кои брзо ги прифатија новите навики и обврски и секојдневно го одвојуваат отпадот. Едноставно, на целото семејство тоа веќе му е рутинирана навика“, вели Лазаров.

Потенцира дека главната улога во овој процес секаде во светот, па и во Македонија, треба да ја имаат децата. На екологијата и третманот на отпадот и сите опасности од неодржливото живеење треба да им се повсвети внимание и дома и во училиште, за да можат децата на што помала возраст да ја сфатат суштината и потребата од заштита на околината во која живееме.
                                    
Лазаров вели дека дома во Нант најмногу одвојуваат пластика и хартија. Отпадот го собираат дома во соодветни кеси и самите го носат до рециклажните места, кои, како што вели Кире, ги има на многу достапни места, па и во близина на нивниот дом.
Французите и Шпанците со највисока еколошка свест
Граѓаните на Франција и Шпанија, смета тој, имаат малку повисока свест во однос на селекцијата и рециклирањето на отпадот, отколку другите држави каде што престојувал. Таму и местата каде што се одложува пластиката, хартијата, стаклото или текстилот се многу подостапни за секој граѓанин. Сепак, потенција, со оглед на тоа дека и Хрватска и Унгарија се членки на ЕУ, и кај нив постојат строги правила и обврски за населението и подеднакво водат грижа за правилен третман на отпадот.

„За време на мојата играчка кариера престојував во повеќе Европски земји, каде што сретнав многу луѓе со висока свест за заштитата на животната средина во секој поглед. Таму луѓето серизно ги доживуваат сите закани од климатските промени и своите активности ги насочуваат кон одржливо живеење. Секоја година се организираат и многу акции за чистење на природата, кои се масовно поддржани од населението“, вели Лазаров.

Во ракометниот камп се учи и ракомет и за екологија
                  
Смета дека Македонија е на вистински пат правилно да ја изгради свеста кај нашето население. Особено за ова се важни кампањите меѓу најмладите. Во неговиот ракометен камп, кој традиционално се одржува во Македонија во текот на летните месеци се разговара и на спортски и на еколошки теми.

„Од последната година воведовме и ваков вид едукација. Гледаме дека децата со задоволство ги прифатија нашите совети и се надевам дека добрите примери ќе ги пренесат и на сите нивни врсници“, потенцира Лазаров. 

Ви се допаѓа текстот?
Кликнете Like на нашата FB страница и станете дел од g-sport.mk