Ќе го нема веќе ракометот што го знаеме

Пишува: Ричи Ѓамовски

Ракометната Лига на шампиони го игра својот последен танц сезонава. Следната ќе гледаме нешто сосема поинакво, ново. Очекуваме со повеќе пари за тие што ќе играат таму и со утешителна Лига за Европа за тие што нема да играат во елитата. 
Трансформацијата ќе донесе повеќе пари, но ракометот генерално на клупски план ќе добие таков удар што прашање е дали некогаш ќе застане на здрави нозе или ќе се претвори во тоа во што се претвори кошарката. Дел фаворизирани клубови што убаво наплаќаат за своите настапи и остатокот од светот - несреќни клубови.
За подобра илустрација ќе споменеме дека некогаш играа МЗТ Скопје и Реал Мадрид (згора на тоа уште и МЗТ победи), а денеска овие два клуба не можат да се сретнат ниту на аеродром. 

И по тој пат тргнува и ракометот. 

ЕХФ оваа промена ја направи под големиот притисок на клубовите што веќе беа на чекор да формираат сопствена лига и да „излезат“ од ЕХФ. Немаше Виена многу опции, мораше да се приклучи кон приказната на богатите и 500-те милиони евра маркетиншки договор за наредната деценија. 
А големите и професионални клубови што заговараа приватна лига, не работат во интерес на ракометот, тие работат исклучиво во нивни (финансиски) интерес и тоа треба да им е јасно и на малите деца. 

Моменталната Лига на ЕХФ не е Лига формирана за пет минути. Ова е ликот, продуктот што се развиваше низ годините и мина низ многу трансформации додека да дојде на ова ниво од кое сите требаше да бидат задоволни (освен тие што сакаа повеќе пари и приватна лига). Од агол на тоа што го нарекуваме „доброто на ракометот“ оваа Лига е речиси идеална. Финансискиот дел е загрижувачки лош. Тоа не е спорно.
Оваа Лига е комбинација на успешноста на клубовите на играчки и организациски план. Стандардите полека растеа, но беа прифатливи. И оваа Лига директно кумуваше на сцената да опстанат и да еволуираат и напредуваат екипи како Висла, Пик Сегед, Нант, Татран, Мотор, Ч. Медведи, Порто, па и Металург, кој ваков или таков, неколку сезони се одржува во живот додека се лаже дека игра во ЛШ. 

Оваа Лига овозможи имиња како Барса, ПСЖ и Кил да стигнат во многу места и да бидат инспирација за многу деца во многу држави. 
Не можеше да не се слушне еуфоријата од радост на претставниците на шампионот на Норвешка, Елверум, на ждрепката  за ЛШ кога ги извлекоа во групата со Барса и ПСЖ. Не им треба нив ништо сезонава. Ќе им дојдат Барса и ПСЖ на гости, секој што сака ракомет во Норвешка ќе може во живо да ги види Никола Карабатиќ, Микел Хансен, Арон Палмарсон и Лука Циндриќ... Тоа ќе биде нивна награда и инспирација. И тоа ќе биде „прв“ и последен пат.
Знаете кога повторно Барса и ПСЖ ќе дојдат во Норвешка? Утре Норвешка, задутре можеби Македонија...

Да видиме сега каква Лига на шампиони ќе гледаме од година. Во прв момент шампионите на деветте најдобро рангирани држави. Десеттото место е за државата што освоила најмногу трофеи во ЕХФ Куп во последните три сезони. Тоа е Германија. Следните шест места ќе се делат меѓу државите со рангкинг 10+ и државите од 1-9 што ќе пријават втор клуб. Шест места, а апликации 16 ... И тука нема да се играат квалификации, туку ќе решаваат поинакви критериуми. 

Ако сега ја составиме Лигата 2020-21 таа би изгледала вака: 
Флензбург, ПСЖ, Вардар, Веспрем, Барса, Келце, Алборг, Загреб, Порто, Кил + шест места. 

За тие шест места би аплицирале и шампиони на држави (Мешков Брест, Мотор, Савехоф, Динамо Букурешт, Целје, Кадетен, Елверум, Ч. Медведи, Татран...)

Би аплицирале и вторпласирани: Монпеље, Пик Сегед, Висла Плоцк, Спортинг...

ЕХФ ќе мора да пресече. На крајот незадоволни, секако ќе има. 

И прашањето до професионалните клубови што заговараа приватна Лига е дали Лигата со 16 клуба е поатрактивна и поинтересна од оваа годинешната во која има место и за едните и за другите?

Сигурно дека не е, ама колачот ќе се дели на помалку парчиња. А кога богатите го делат колачот, се знае за кого се трошките. 

Но, што значи тоа гледано од агол на помалите?

Или Пик Сегед, Висла Плоцк, Монпеље или Русија, Словачка, Словенија, Швајцарија, Шведска, Норвешка, ќе останат без Лига на шампиони.
Можеби и Белорусија, можеби утре и Македонија ќе ја нема во ЛШ. Не се ова зборови во ветер. Сетете се дека пред еден  месец Вардар веќе беше распуштен колектив. Кој вели дека следниот мај нема да слушаме иста песна?
А системот на рангирање се промени и сега ЛШ и ЕХФ Куп заедно собираат поени за ЛШ. Многу брзо третото место на кое сега е Македонија ќе го стигнат државите што имаат повеќе од еден клуб. А ако еднаш излезеш под кота „девет“ враќањето назад... 

А како ќе се одрази на ракометот глобално кога сите овие држави ќе останат без ЛШ и реално без надеж дека некогаш ќе стигнат до ЛШ? Поттик да работат повеќе да вложуваат повеќе за еден ден да стигнат до ЛШ? Аха, секако. Во прикаските, можеби. 

Дека ќе се задоволат со Лига Европа? Дел можеби, но не верувам дека Норвежаните ќе скокаат до таван од радост, следната година кога ќе бидат извлечени во иста група со Татран и Кадетен. 

Во Македонија нема да се почувствуваат големи промени на почетокот. Би рекле во првите три сезони. Но, ова е долгорочна стратегија, а времето не работи во наша полза. 






 
Ви се допаѓа текстот?
Кликнете Like на нашата FB страница и станете дел од g-sport.mk