На Битола и треба семафор, фасада, светло...

За прв пат по формирањето на СЕХА лигата, натпревари од ова првенство ќе се играат во Битола. Работник со освоеното второ место во шампионатот успеа да се избори за пласман во меѓународниот шампионат, но тоа со себе си носи предизвици со кои Работник за прв пат во својата историја ќе се соочи. 

Салата „Боро Чурлевски“, порано позната како „Младост“, во моментов не ги исполнива стандардите за СЕХА Гаспром, уште помалку за Лигата на шампионите. Добрата вест е што потенцијал да се игра СЕХА во Битола, има. Но, ќе треба да се вложи напор и да се среди објектот за да стигне до ниво на салите во кои се игра СЕХА; а тие не се ниски, напротив, многу се слични на тие што ЕХФ ги поставува за играње во Лигата на шампионите. 

СЕХА Гаспром испрати своја инспекција и забелешките се следниве:

- Потребен уште еден семафор што ќе биде сместен на спротивната страна на главниот семафор. Потребно е да се подобри осветлувањето во салата и да се стигне со минималниот услов. Треба да се реновираат тоалетите, треба да се „чепнат“ и соблекувалните. 
Надворешниот дел од салата е во лоша состојба. Ќе треба да се среди фасадата, ќе треба да се брендира салата... 

Ова се дел од забелешките, од тие покрупните, а сигурно во еден момент ќе мора да го решат и проблемот со греењето во салата, затоа што СЕХА се игра и во декември, а тоа во Битола не е пријатно искуство.
Впрочем, не попусто во Битола ја викаат „фрижидеро“. 

Но, не се сомневаме дека Работник и Битола имаат капацитет да ги исполнат овие услови и СЕХА, а се надеваме и ЛШ да ги донесат во Битола. 

Поврзани вести

Ви се допаѓа текстот?
Кликнете Like на нашата FB страница и станете дел од g-sport.mk