Женската репрезентација на Македонија во недела во Скопје со почеток од 20:30 часот ќе го одигра првиот натпревар од бараж квалификациите за пласман на СП Јапонија 2019.
Противник на македонската селекција е репрезентацијата на Словенија. Екипа што е фаворит, но воедно и една од ретките селекции што беа потенцијални противници против кои можеме да се надеваме на рамноправен натпревар.
Таа цел не е лесно остварлива. И Словенките не гледаат како „жртва“ за нивниот пласман на СП и нема опуштено да дојдат во Скопје.
„Спремни сме. Одработевме тренинзи, направивме анализи. Сега од нас зависи како ќе се поставиме и одиграме. Мотивираноста кај играчите е на високо ниво. Неколку од нив веќе имаат искуство на играње натпревари на се или ништо, некои од нив не, но влезени се во приказната. Влогот е голем, сакаме да играме на СП во Јапонија, но свесни сме за пречката што е пред нас.
Можеме да одиграме многу добро, имаме и осцилации, имаме и план како да ги елиминираме, неколку комбинации што би требало да не вадат од проблеми ако дојдеме до таква ситуација.
Но, ќе се повторам. Зависи како ќе играме, дали ќе ни тргне. Ако ни појде добро, тогаш можеме да се надеваме на повлен резултат.
Имаме голем респект кон противникот, имаат одлични играчи. Па, сепак, во недела одиме на се или ништо“, изјави селекторот на македонската репрезентација, Симе Симовски.
Натпреварот се игра со почеток од 20ч30мин. Доволно време да се изгледа финалето на Лигата на шампионите во Келн и да се стигне до Борис Трајковски. Се надеваме дека ќе има солидна посета. Влезот е слободен.