Македонската кадетска репрезентација ги одбра за противнци репрезентациите што беа во групата „Ц“ на денешната ждрепка.
Можеме да се пофалиме дека имаме група која комплетно се вклопува во апетитите на македонскиот тим. Ја имаме Данска како фаворит број еден, потоа Бахреин, Аргентина, Јапонија и Нигерија.
„Ова е група што ни дава многу повеќе мотиви во пресрет на првенството. Да се подготвиме што подобро и да се прикажеме во што подобро издание. Јасно, нема да потцениме никого, но денеска имаме поголеми шанси да ги исполниме нашите амбиции“; изјави селекторот Данило Брестовац.
Амбициите на Македонија, „скромно“ беа 1/8 финале на мундијалот. За тоа е потребно едно од првите четири места, што денеска излега како цел што може (лесно) да се достигне.
Да погледнеме и како би изгледало вкрстувањето. Македонија за противник би добила еден од следнивте тимови:
Германија, Исланд, Србија, Тунис, Бразил или Португалија.
На хартија Германија предводена од Јури Кнор и Исланд предводен од играчот што го бара пола Европа, Прастарсон се фаворити за првите две места.
Понатаму е тешко да се прогнозира. Посебно затоа што Србија воопшто не не импресионираше на турнирот во Бугојно.
Доколку Македонија освои едно од првите две места во групата, тогаш во 1/8 финалето ќе добиеме противник против кого отворено можеме да се надеваме и на победа.
Свесни сме дека е премногу рано, посебно затоа што не знаеме со какви таленти располагаат неевропските селекции. Приоритет е сега фокус на подготовките на македонскиот тим.
Ако се оди како што треба, односно како што посакуваме, ќе имаме интересен ракометен август.
Поврзани вести