Вака се игра! Од сега, вака да играте!

Ако некогаш сте искористиле една од безброј шансите да го гледале филмот „Bad Boys“,  сигурно ја паметите и  последната сцена во која Мартин Лоренс го вози поршето на Вил Смит  со над 250 км/ч во трка на живот или смрт, во која за дел од секундата е побрз и го остава противникот да се разбие од ѕидот. 
„Е така се вози! Од сега, само вака да возиш“, целиот во паника викаше Вил Смит на крајот на сцената. (ЛИНК)

По вчерашните 60 минути на Вардар со Сегед во „Јане Сандански“, можеме едно да кажеме:
„Е така се игра! Од сега само вака да играте!

Настрана добриот резултат и отворениот пат кон Келн, Вардар вчера одигра натпревар што, ако има знаење и ум, треба да има почесно место на пиедесталот и не смее да биде заборавен. 
Докажаа, иако не мораа ништо да докажуваат дека ова е психолошка игра во која такво количество на вложен труд, дисциплина, мотив и емоции, мора да даде резултат. Некогаш порано, некогаш покасно, во случајот на Вардар точно кога најмногу требаше. 
Видовме, по којзнае кој пат дека не е важно кој игра - важно е како игра. Со само три бека и една резерва, со голман кој трчаше на преврска по интервенција, со две десни крила еден до друг во одбрана. Кончено, со таква поддршка од публиката и со таков пристап, не можеше поинаку. 
Сегед воопшто не е тим за потценување, Пастор е тренер чие има тежи многу. Но, не е лесно да се остане прибран во скопскиот пекол. И се загубија. И скапите играчи и врвниот тренер. 

Вардар следната сезона нема да биде ова што е. Нема да згасне како женскиот, сепак, традицијата што ја има машката екипа е поинаква приказна. Можеби буџетот нема да биде со седум блиску до осум цифри, туку ќе биде со скромни шест кон седум, но сите тие што ќе го облечат „црено-црниот“ дрес, ќе мора прво да сфатат каде дошле и што треба да прават. 

А, ако некогаш се најдат пред ѕид или препрека што од прв, втор или трет обид не може да се мине. А ќе има безброј такви, нека погледнат снимка од вчерашниот натпревар, таа нека им биде водич во кариерата и репер за тоа како треба да се однесуваат на теренот. Оваа екипа, остави богатство што не се мери со пехари и купува со пари во нивно наследство. 

Публиката вчера беше за десетка, социјалните мрежи вријат, но да потсетиме на еден малку подзаборавен факт. Вардар вчера не го одигра последниот натпревар во Скопје. Ќе игра и во понеделник со Металург, ќе игра и во Купот на Македонија, ќе игра уште натпревари на домашна сцена, ќе го гледаме и наредната сезона, ќњ го гледаме и во ЛШ каков и да е - наш ќе си е. Повелете... лани славеше шампионски пехар во „Јане Сандански“ пред 20 гледачи. Годинава нека не биде така. 

фото: Денис Дуковски/ rkvardar.mk
Ви се допаѓа текстот?
Кликнете Like на нашата FB страница и станете дел од g-sport.mk