Скандинавско-струшки турнир

Полека се ближи летото, а со тоа и фокусот на ракометот ќе биде пренасочен кон летните центри. Во Македонија во центар на внимание како и секој август ќе биде Струга, која традционално продолжува со организација на меѓународниот турнир, летово со број 47. 

Стружани се на слатки маки. Минатиот турнир го организираа со осум екипи, но ефектот не беше посакуваниот. Премногу натпревари, се намали заинтересираноста на некои средби, а еден летен дожд може да направи голем хаос во распоред на одигрување. 

Затоа за оваа година одново се размислува за турнир со шест екипи, плус македонскиот Супер Куп. 

Но, заинтересираноста за учество на струшкиот турнир е големо. Францускиот Тулуз, потоа Бешикташ сакаат одново да играат овде. Шведскиот Алингсас е веќе традиционален учесник, но годинава уште две нови скандинавски екипи побарале учество на турнирот во Струга. 

Тоа се данскиот тим ГОГ Гудме и шведската екипа Есклистуна Гиф. 

Желба на Струга е ППД Загреб, што со оглед на тоа дека тренер им е Брано Тамше кој лани беше со Целје на турнирот и не е неизводливо.

Тренер на Швеѓаните е црногорскиот селектор Зоран Рогановиќ, додека Данците сами иницирале контакт и веќе има прелиминарни разговори. 

Струга и уште една македонска екипа би биле претставниците на домашниот ракомет.  

Турнирот летово ќе се одржи по Кадетското Светско првенство што ќе се игра во Македонија, најверојатно околу 20 август би бил стартот. 
Ви се допаѓа текстот?
Кликнете Like на нашата FB страница и станете дел од g-sport.mk