Ни треба тим и од генерација 2004

Пишува: Ричи Ѓамовски

Сериозен чекор напред кон развојот на младинскиот ракомет би требало да биде формирањето на генерацијата од 2002 и помлади, тимот што утрово прв пат, срамежливо, се појави со своите торбички пред РФМ и замина на своето прво гостување, во Унгарија. 

Буката по социјалните мрежи што се крена околу оваа репрезентација можеме да ја гледаме и од друг агол. Не само критичкиот, туку од агол на луѓе на кои не им е сеедно. И тоа е добро, затоа што на еден начин покажува дека следат што се случува и во оваа репрезентација. Тим каков што досега не сме имале на некое поорганизирано ниво. 

Сега би сакале да ги чуеме не само за генерацијата 2002, туку и за 2004. Не како критичари, туку како личности од ракометниот свет што ќе дадат идеја. Критикување е лесно, да видиме како ќе се снајдат кога ќе треба да помогнат нешто да се почне и изгради. 

Овој тим во создавање следната година на домашен терен ќе треба да игра во ЕХФ Шампионат. Ист таков каков што минатото лето играа нивните постари колеги во Грузија и уште повозрасните јуниори во Скопје. 
Сега задачата да ги одведат во Првата Европска ракометна лига паѓа на плеќите на овие деца, од 2002 година. РФМ им сервираше шанса тоа да го бркаат на домашен терен и со посериозен пристап кон тој тим и турнир би можеле да успеат. Ако тоа им појде од рака, тогаш и нивните колеги, кои сега имаат по 15 години и помлади ќе играат ЕХФ Еуро. 

Тоа не носи до поентата. Генерацијата 2004 не е селектирана, а сигурно и таа ќе ги разбуди критичарите еднаш кога ќе биде составена. Посебно, ако по примерот на 2002, одеднаш и неочекувано исплива на површина. 

Најавено е, но како ќе биде изведено ќе видиме. Потребни се покрај скопскиот барем уште два центри од каде што ќе се следат играчите од 2004, но и овие од 2002. Тоа би требало да бидат, ајде да ги наречеме скаути, што ќе ги следат настапите на овие играчи и ќе му рапортираат на селекторот.
Би било уште поубаво самите клубови да понудат скаути - волонтерски. И да воспостават комуникација со селекторот, не преку ФБ статуси, туку директна, да испраќаат видео-материјали, да даваат идеи и сугестии, да разговараат со тренерите, да следат здравствен билтен и сите други „ситници“. 

Југоистокот веќе си има свој Јуниор Куп на кој четири екипи од генерацијата 2004 играат турнири. Од комуникацијата со нив веќе се „фалат“ дека имаат потенцијали, играчи што отскокнуваат. Одат дотаму што ги споредуваат со Мите Стоилов на пример. Би било убаво да ги видиме во селекција и на дуели со нивните врсници од другите краеви. 

Патувањето на Генерација 2002 во Унгарија ќе биде големо искуство за овие први селектирани репрезентативци. Но, голема корист би имале селекторите и доколку дома се организираат натпревари меѓу потенцијалните репрезентативци. 
Колку што видовме на поширокиот список има 25 играчи, а по критиките разбравме дека има најмалку уште 10-15 што би им конкурирале. Тоа е сосема доволно за два тима од по 16 играчи да играат меѓусебе, не еднаш туку колку и да треба пати и да се формира селекцијата без никој да не може да каже дека бил игнориран. 
 

Поврзани вести

Ви се допаѓа текстот?
Кликнете Like на нашата FB страница и станете дел од g-sport.mk