Брест е ОК, но Скопје е нашиот Келн

СЕХА Гаспром „Сезона 08“ заврши со стил во брестската „Викторија“ со доделувањето на шампионскиот пехар во рацете на Игор Карачиќ. 
СЕХА Гаспром не потфрли ниту оваа година. Четериесетина новинари од Македонија, Србија, Хрватска и Словенија беа на лице место, а патем го имаа уникатното задоволство да го запознаат целиот шарм на патување во Белорусија по копнен пат. 

Неверојатно чистиот Брест, град за кој треба да се воведе посебна ѕвездичка во категорија „херој“, годинава го слави својот милениумски роденден. И покрај неатрактивниот термин за гостување, понеделник - среда имаше што да понуди, дури и да разбуди носталгија за некои минати времиња од една поранешна држава што беше име и презиме во светски рамки. 

Брест беше сосема ОК, организациски, немаше ништо што ракометните медиумски ветерани и понекое ново лице не можеа да го решат за пет минути. 
Но, кога вечерта во холот на „Гостиница Беларус“ се налеаја првите кригли пиво и тргна размената на информации и новинарските приказни, сите од „Златорог“ до „Јане Сандански“ беа едногласни. 

Скопје 2018 беше најдобриот СЕХА Гаспром Ф4. 

И одново се спонтано се роди идејата што беше актуелна и лани. Зошто Скопје да не стане Келн и таму да се одржуваат сите Фајнал Фор турнири?

„Јас би потпишал со две раце за Скопје и би навивал за Словенците да играат СЕХА ако секоја година се игра кај вас“, коментираше колегата од словенечкото „Дело“. 

„Па Скопје беше нашиот Келн минатата година, навистина не би имале ништо против пак да се игра таму“, искоментира и колега од Хрватска. 

И српската новинарска честа со одобрување климаше со главите... 
“Со задоволство секогаш одиме во Скопје“, беше коментарот на српски јазик. 

И одново, испратена е порака до СЕХА Гаспром, да размисли на темата. 

Следната сезона СЕХА ќе биде поделена на групи. Ќе гледаме и 1/4 финални елиминации и Ф4. Веспрем исто така беше одличен домаќин на СЕХА Ф4, тие ќе бидат во игра. Осиек годинава ја загуби шансата со Брест. Во 2018 Целје беше сериозен кандидат, ако се врати во игра одново ќе биде интересна дестинација... Треба да видиме и кои уште тимови ќе играат. Татабања?
Некој во Белорусија го спомна и Олимпијакос. Тоа би било чудо да е види, СЕХА Ф4 во Атина... 

Како и да е, ако денеска се спроведе гласање барем меѓу тие 30-40 новинари од Балканот и Белорусија , би се обложиле дека со „100:0“ би победил - Скопје. 
 

Поврзани вести

Ви се допаѓа текстот?
Кликнете Like на нашата FB страница и станете дел од g-sport.mk