Mеталург ја „овери“ Војводина

Металург ја извојува својата најголема победа сезонава во СЕХА. Звучи помалку неверојатно, но средбата со Војводина заврши со резултат 39-20 за скопскиот тим. 

„Хајде, оверите их“ викаше тренерот на Војводина последниот тајм аут на средбата што овие два тима ја играа во Нови Сад. Раскрвавени носови, пукнати аркади и модри очи имаше многу по таа средба што Војводина на доби на мускули и сирова сила. Сега „оверувањето“ беше малку поинакво. 

Не го заборавија тој тајм аут во Металург, го спомена тренерот Брестовац и на последниот прес во СЕХА за Металург сезонава. 
За волја на вистината Војводина во Скопје не дојде со својот најсилен состав. Го немаше и главниот „оверувач“ од Нови Сад, Душко Челица. Па сепак, тоа е нивниот избор.

Металург им врати на „црвено-белите“ за сите пари, модрици и отоци. Уште на стартот на мечот беше јасно дека ќе гледаме 60-минутно демолирање на гостите. Поведе со 5-0 Металург, во 10 минута беше 10-1. Во 17 минута 11-4, го препознавате веќе, овој резултат од серва, за истерување. 

Без намера да ги омаловажиме гостите од Србија, тие денеска немаа никакви шанси, штета што не дојдоа комплетни за да видиме каков е вистинскиот однос на силите. 

Ќе нотираме дека во тимот на Металург се врати Александар Шпенде по проблемите што ги имаше по здобиен удар во окото. 
Мице Шилегов, Мартин Серафимов, Бојан Маџовски и Михајло Младеновиќ постигнаа по шест гола за Металург, единствен што парираше од гостинскиот состав беше Ален Овчина со осум гола. 
Ви се допаѓа текстот?
Кликнете Like на нашата FB страница и станете дел од g-sport.mk