Брестовац: Подмладување, Б репрезентација, стручен штаб

Пишува: Ричи Ѓамовски

Македонија доби домашен селектор на машката сениорска репрезентација. Прв македонски селектор по Звонко Шундовски кој својот последен голем настап го имаше во 2013 година. 
Данило Брестовац, некогаш асистент на Ивица Обрван во сениорскиот тим и во Шамбери, потоа самостојно во Луксембург и Металург ја презема диригентската палка. 

Ситуацијата е специфична, Македонија се наоѓа во период во кој е потребно да се направи извесно подмладување во екипата и да се подготви екипа што ќе игра заедно во следната деценија, но и да се направи база на играчи и систем по кој играчите ќе преоѓаат од едно ниво на друго.
Главно од младинските погони ќе доаѓаат овие ракометари, но шанса ќе добијат и „подзаборавени“ играчи од домашниот шампионат и интернационалци. 

Новоизбраниот селектор, Данило Брестовац беше наш соговорник, човекот што во моментов е одговорен за сите репрезентации. 

g-sport.mk: Еден селектор за сите репрезентации, нели е тоа преобемна работа за еден човек и неговиот тим?
Данило Брестовац„Па тоа само на прв поглед излгеда така. Јас ја преземав генерацијата 98 непосредно пред Јуниорскиот шампионат во Скопје. Селектор сум на генерацијата 2000, а селекцијата 2002 е направена на мое инсистирање и иницијатива и таа досега не беше дел од посебна стратегија. Беше формирана за да извлечене некој играч за 2000-та година, на позиции каде што сме дефицитарни. Генерацијата 98 веќе нема настапи, нема да имаме јуниорска репрезентација до следниот циклус. Така јас технички сум селектор на кадетската (2000) и сега на сениорскиот тим. 

g-sport.mk  Како ќе изглед стручниот тим во иднина? Ќе има ли промени?
Данило Брестовац: „Никола Матлиески ќе биде мојот прв помошник. Функционираме добро, знам колку може и знае и веќе сме воиграни, брзо ги завршуваме анализите и се што треба.  Сакам да биде ангажиран Гино Стрезовски во улога на советник. Александар Царчев останува тренер на голманите. Од тоа што го видовме на последното СП, голманите можеби беа најдобриот дел од тимот. Димитар Маневски останува во тимот во улога на физио, разговараме и кондициски тренер. Што се однесува до клупата, јас ќе реавам кој ќе седи на клупа и какви ќе му бидат обврските“, 



g-sport.mk: Во другите селекции дали се планирани промени? Вие и натаму останувате координатор/селектор...
Данило Брестовац„За генерацијата 2000 ќе биде тимот што работевме и за Шампионатот во Скопје и Грузија. За генерацијата 2002 одговорен ќе биде Никола Матлиески. За Генерацијата 2004 ќе ни бидат потребни двајца тренери. За генерацијата 2006, пак, сакам во прв момент да има тројца координатори. Еден то ќе следи Југоисток на државата, друг за југозападниот дел и еден за скопскиот регион. 

g-sport.mk: Дали сте размислувале за ангажман на некој од поранешните (со)играчи што имаат тренерски амбиции
Данило Брестовац„Разговарав со Аце Јоновски да биде приклучен кон сениорскиот тим. Но, тоа во овој момент поради бројни обврски за жал не е изводливо. Не е исклучена соработка и со други амбициозни играчи-тренери“. 
 
g-sport.mk „А“ тимот и најавените играчи промени. Какви се поконкретните промени?
Данило Брестовац „Дилемата е дали во април против Исланд да внесеме дел од планираните промени или да почекаме по квалификациите. Ние реално со две победи во јуни сме на ЕП. Април би можеле да го искористиме за да испробаме нешто ново. Ќе има измени во играчкиот кадар. Но, не би споменувал имиња, прво сакам да разговарам со играчите, потоа јавноста ќе дознае. Но, во перспектива сигурно во репрезентацијата поголема шанса ќе добијат Танкоски, Ненад Костески итн.

g-sport.mk:  Како е предвидено да оди транзицијата од помладите категории кон сениорскиот тим?
Данило Брестовац„За таа цел ќе мора да формираме Б репрезентација. Главно од играчи од домашното првенство, понекој интернационалец. Тоа е тим што ќе се менува, то ќе треба да оди на турнири, да играат во комбиниран состав со првотимците, што повеќе натпревари. Од таму ќе се црпат играчи за првиот тим. Не смееме да дозволиме на поширокиот список да има 12 статисти, а во меѓувреме да ги губиме талентите“.

g-sport.mk Како би изгледал тој тим?
Данило Брестовац „Во таа репрезентација нема да има потреба да играат Кирил Лазаров или Столе Стоилов на пример. Но, зошто шанса да станат репрезентативци да не добијат на пример играчи од Пелистер, Пролет, Охрид... потенцијални репрезентативци. Да ги видиме како ќе изгледаат во споредба со своите ривали за репрезентацијата, на дуели со други репрезентации? Да ги видиме нивните добри и лои страни. Да видиме дали ќе ја искористат шансата да станат репрезентативци. 

g-sport.mk Дали ќе се менува стилот на игра?
Данило Брестовац „Во зависност од тимот што ќе го имаме на располагање и противникот. Седум на шест нема да биде наша основна тактика. По две потрошени СП со седум на шест, сега би било штета целосно да ја избришеме, можеби ќе ја користиме понекогаш, но јас сум противник на таа игра и ќе се базираме на основната тактика.

Првата репрезентативна акција на Данило Брестовац како селектор на машката сениорска репрезентација ќе бидат јунските натпревари со Исланд. На 10 април во Рејкјавик и четири дена подоцна во Скопје. 
Ви се допаѓа текстот?
Кликнете Like на нашата FB страница и станете дел од g-sport.mk