Сопственикот на Татран Прешов, Милослав Чмелар, во мини интервју за словачки весник што беше пренесено и на официјалната страна на клубот, објави дека доаѓа време кога клубот ќе му биде предаден на друг.
“Седумнаесет години го водам Татран Прешов и имам освоено дузина пехари и остварено добри резултати. Но, не сакам сега да зборувам за тоа. Кога ген. менаџер Мирослав Беницки и тренерот Славко Голужа ќе завршат со договорите, Татран ќе продолжи на аматерска база“, изјави Чмелар.
Сегашниот сопственик планира раководењето на клубот да му го понуди на еден од најпознатите словачки ракометари - Мартин Страновски. Поранешниот ас на Барса, кариерата ја завршува во Прешов и на Чмелар тој му изгледа како природно најдобро решение.
Но, амбициите на клубот нема да бидат на ова рамниште.
Останува да видиме дали ваквиот обид ќе се сведе на добивање на поддршка и финансиска и морална од спонзорите и институциите или пак словачкиот и европскиот ракомет ќе добијат шлаканица. Татран е перјаницата на словачкиот ракомет и доколку го снема од сцената, нивниот ракомет ќе стане налик на чешкиот. Без силен клуб и со репрезентативци што кариерите ќе ги градат надвор од државата.