СЕХА Гаспром се ближи кон крајот на сезоната. Остануваат уште две кола до крајот на првенството по што ќе ги добиеме и екипите учесници на Ф4 турнирот. Вардар и Нексе се сигурни патници, ППД Загреб е блиску, а Мешков Брест се чини ќе биде четвртиот учесник.
На Белорусите им е потребна уште една победа, а во следните две кола играат дома со Загреб и на гости со Нексе.
Првенството може да биде решено и доколку Татран Прешов направи еден „кикс“, а тие, пак, во следните две кола играат дома со Металург и на гости со ППД Загреб.
Натпреварот меѓу Татран и Металург е на програмата денеска, со почеток од 16:30 часот. За прв пат ќе можеме да го видиме и поранешниот играч на Металург, Никола Костески да игра против својот довчерашен клуб.
„Нема да калкулираме. Само со победа остануваме во игра за финалниот турнир. Ова е последен СЕХА меч на домашен терен и се надевам на поддршка од трибините“; изјави тренерот на Татран, Славко Голужа.
Што се однесува до Данило Брестовац, за Металург одамна СЕХА има само една цел.
„Наше е да одиграме најдобро што можеме и да пружиме максимум. Еднаш ги совладавме, зошто да не и повторно. За жал и на овој натпревар ќе треба да играме без Александар Шпенде“, изјави Данило Брестовац.