ЖЕЛЕЗНИЧАР - МЕТАЛУРГ 27-25 (16-13)
Од Ниш, Ричи Ѓамовски
Металург и Железничар вечерва ги вкрстија копјата во битката за осмото место во СЕХА Гаспром шампионатот, а победник, исто како и во есенскиот дел во Скопје беше екипата на Железничар.
Металург евидентно игра подобро во продолжението на сезоната, но вечерва му недостасуваше повеќе концентрација и повеќе среќа за да стигне до поволен резултат.
Нападот беше послабата страна на Металург на почетокот на натпреварот, па по неколку врзани грешки, домашните поведоа со 3-1 и разликата од гол -два ја одржуваа во текот на поголемиот дел од полувремето.
Во еден момент Металург мина во водство (16 мин, 7-6), но веднаш потоа следеше периодот на најслаба игра на Металург при што Железничар стигна и до плус четири разлика (12-8), потоа поведе и со 16-11 и се чинеше дека натпреварот ќе оди во мирна завршница.
Но, не се даде Металург лесно. Покажа многу повеќе од противникот во вториот дел, полека почна да ја топи предноста и во 49 минута стигна до минус од само еден гол 21-22.
Од тој момент почна многу повозбудлива битка. На осум минути до крајот Металург имаше напад за израмнување (23-24), и тоа со играч повеќе во поле, но Стошиќ му одбрани шут од чиста позиција на Димитриоски.
Потоа екс играчот на Металург Предраг Вејин зголеми на 25-23, а Танкоски во напад постигна гол, но му беше судено пробивање. Добривоје Марковиќ од пенал зголеми на 26-23,
Анте Токиќ од крилна позиција намали на 24-26, но Металург остана со играч помалку откако Лазаревски беше исклучен. На истекот на 57 минута Вујовиќ побара минута одмор, а неговите пулени во продолжение се обидоа да направат цепелин. Неуспешно.
Но, Металург не успеа да постигне гол со играч помалку, а последната шанса за бод замина во вид на неуспешен обид да се фрли контра напад.
Железничар на 40 секунди до крајот, погоди за 27-24 и тука беше ставена точка на натпреварот.
Димитриоски и Танкоски постигнаа по четири гола, Дупјачанец запиша 11 одбрани.