Koнкурсот е објавен, трката може да почне

Пишува: Ричи Ѓамовски


РФМ го објави конкурсот и со тоа формално означи старт на трката за испразнетото селекторско место во машката сениорска репрезентација на Македонија. 
Во моментов, тоа би го нарекле најдоброто работно место во ракометот во Македонија. 

Медиумите се секогаш први, дури и кога не се први. Па така веќе имавме можност да слушнеме за неколку имиња кои се вртат како најсериозни кандидати. Денеска, ќе се позанимаваме малку повеќе на таа тема и ќе се обидеме и да го пренесеме нашиот став. 

Мораме да одиме малку назад. Колку? Па веројатно откако Кирил Лазаров ја презема диригентската палка од Пепи Манасков кога е во прашање начинот на кој игра Македонија. 

Македонија се обидувала и со домашни тренери и со странци и со познати имиња. И сите до еден имале една примарна цел. Да ја однесат Македонија на СП или ЕП. И таму имало една примарна цел, пласман во втора рунда за да се добие полесен противник во квалификациите. И Македонија, пак, да се пласира на СП или ЕП. Тоа е маѓепсаниот круг од кој за среќа не излеговме последниве десетина години. 

Секој од нив, а ги имаме двесетина во периодот на независност, со себе донел нешто ново. Затоа како пардокс можеби ќе звучи податокот дека ние ја играме истата игра дваесетина години. Кој и да бил селектор секогаш била истата игра. Прашајте ги селекторите што играле против нас, тие најубаво ќе ви кажат дали сме смениле нешто. 

Кај нас, односно нашите селектори, секогаш било менаџирањето на внатрешните односи во тимот, а и тоа е ѓаволски тешка работа. Доаѓале како тактичари и познати имиеа, но во суштина се барал начин како да се извади повеќе од Мојсо или Миркулковски. Затоа што без разлика дали на клупата бил Тута Живковиќ или Цане Крстевски, кога ќе дојдеше моментот сите до еден се крстеа во левицата на капитенот. 

И да не се лажеме и следниот селектор ќе биде ист „тактичар“ како и неговите претходници. Но...

Сега е дојдено времето нешто да се смени. Има две причини за тоа. Кирил Лазаров веќе ближи кон 40-тата и ако се пласираме на СП 2021 ќе биде единствениот што играл на СП Египет 1999 и СП Египет 2021. Единствениот кој му правеше друштво во оваа конкуренција, Ласло Наѓ, најави крај на кариерата во јуни. И ние ќе мораме сакале нејќеле да бараме ново решение. Во нашиов случај тоа е малку покомплицирано.
Ние место да смениме еден ирач, ќе мораме да направиме сосема нова игра. Имаме (се помалку) време, Лазаров не е за старо железо, ќе го користи и новиот селектор колку што ќе може, но доаѓа времето. 

Втората причина е всушност губењето на онаа примарна цел. Значи пласман на СП или ЕП е приоритет, но сега може многу полесно да се стигне до таму. Ќе бидеме и безобразни и ќе кажеме дека кој и да ни е селектор, ќе (мораме) да се пласираме на ЕП со 24 или СП со 32 екипи. Тоа веќе не е ни за дискусија. 

Примарната должност на новиот селектор ќе биде да ја состави, „таа“ нова игра на Македонија. А тоа да не биде „седум на шест“ што ја промовираше Червар, а ја доработи Раул.  
Поинаку кажано, новиот селектор ќе мора да ги интегирира младите играчи и да направи нов тим. А тоа е процес за кој ќе ни биде потребен стручњак не само со високо образование и мастер доплома, туку вистински мајстор на занаетот. Некој што ќе има визија, што нема да се срами да ги засука ракавите и 24 часа ќе смислува како да ја оствари целта. Ваквата работа бара професионалец, а претседателот на РФМ на собранието изјави дека новиот селектор ќе мора да биде професионалец. 

Значи прв пат доаѓаме во ситуација да не бираме име туку профил на тренер каков што ни треба. 

Со големо задоволство би го завршиле текстот овде. Но... лицитацијата мора да почне. 

Дали со тоа што селекторот мора да биде професионалец, и само по тој основ веднаш од списокот можеме да ги избришеме Данило Брестовац и Гарсија Парондо кои водат екипи во Македонија. Ќе ги додадеме и Игор Котевски, Горан Андоноски, Андон Бошковски па и Јошко Петковиќ и Ѓорѓе Чирковиќ. 
Што е на пример со Гино Стрезовски? Освен што е во комисијата што треба да предложи кандидат? И тој не би бил професионалец со оглед на тоа дека селектор би му била секундарната професија. Зад таа на факултетот. За сите овие споменати, стои опцијата и да се откажат од клупскиот ангажман. 

Ако по овој основ ги отпишуваме овие кандидати, тогаш Звонко Шундовски, Марјан Колев и Аце Јоновски кои водат клубови во странство, по “дифолт“ отпаѓаат од игра. 

Високата и Виша стручна спрема што се бара во Конкурсот ќе избрише уште голем број на потенцијални кандидати. 

Да видиме што ни останува во игра. Овде мора да подвлечеме дека не за секое споменато име го знаеме степенот на образование.
Зоран Кастратовиќ е овде како име што некако убаво се вклопува во профилот. Александар Петровски Сајкл има мастер коуч, слушнавме за Борис Дениќ... зошто да не? Можен ли е кам бек на Ивица Обрван или пак на Драган Ѓукиќ, зошто да не и на Стевче Стефановски? И вака можеме до бескрај. 

На крајот на денот, РФМ ќе пресече. Веруваме дека следното селекторско име ќе биде бирано според визионерството, способностите и желбата да работи 11 месеци со Б тим за да може тој еден месец со А тимот да биде полн погодок. 

И да не мораме во јуни против Турција и Грција по петнаесетина минути да го вадиме на фронтот тајното оружје, наречено “седум на шест“ за да можеме нив да им дадеме гол (повеќе). 






 
Ви се допаѓа текстот?
Кликнете Like на нашата FB страница и станете дел од g-sport.mk