Малер како Келце - нема!

Полскиот шампион Келце, годинава руши рекорди по бројот на повредени играчи. По првиот меч од продолжението на сезоната, уште еден клучен играч се најде на списокот на повредени. Овој пат, нивниот најдобар играч сезонава - Алекс Душебаев. 

Поранешниот ракометар на Вардар, на мечот со Кристијанштад, по еден дуел со шведските бекови остана на подот. Стана, но по неколку секунди со болна гримаса и одмавнување со главата го напушти теренот и веќе не се врати во игра. Тоа се случи по една 1/4 од натпреварот. 

Душебаев има проблем со коленото. Полските медиуми информираат дека кога стои и се движи праволиниски се е во ред, но кога сака да направи странични движења има болка. Дополнителните прегледи што веројатно уште денеска ќе бидат направени во Полска ќе покажат за што се работи. 

Келце сезоната ја почна со повредени Мамиќ, Циндриќ, Бис и Кулеш. Потоа и Лијевски се повреди. Мамиќ се врати предвреме на терен и одново се повреди. Циндриќ цело време игра на раб на повреда, но по СП на кое беше рековалесцент не издржа и сега ќе паузира еден месец. Надвор од строј во еден период им беше и Михал Јурецки, тој паузираше повеќе од еден месец. 
Клубот мораше да го врати назад од позјамица Даниел Душебаев од Целје затоа што немаше доволно играчи, но и тој се повреди на СП и тоа сериозно се повреди, скина лигаменти и ја заврши сезоната. Сега и Алекс Душебаев е под прашалник за дел од продолжението на сезоната. 

Ако на ова го додадеме и Дејан Бомбач кој на почетокот на сезоната си замина поради финасиските проблеми, мало чудо е што Келце и натаму е сериозен играч во трката за „Ф4“. 
Ви се допаѓа текстот?
Кликнете Like на нашата FB страница и станете дел од g-sport.mk