Ни треба селектор, но каков? Македонец? Странец?

Пишува: Ричи Ѓамовски

Смената на Раул Гонзалез од селекторската позиција не е изненадување, посебно по последните квалификациски настапи и настапот на СП. На многумина во Македонија омилениот селектор што поради добрите манири , што поради шампионскиот пехар со Вардар, дојде брзо до крајот на својата мисија. 
Успеа само делумно, во квалификациите за ЕП и во првата фаза од ЕП 2018 да го испорача „тоа“ за што беше донесен. Потоа беше стрмоглаво надолу. До таа мерка што го имаме вториот најслаб настап на СП (по дебитантската 1999) и оној пораз од Кожани како точка од која не може/смее подолу. 

Сега РФМ е пред нов избор и со оглед на чувствителноста на ситуацијата мора да многу да внимава пред да го одигра следниот потег. Се очекуваат тешки времиња за новиот селектор и репрезентацијата воопшто. Зошто? Затоа што влегуваме во циклусот во кој се очекува и Кирил Лазаров да ја заврши кариерата. Дали за две години, дали за повеќе/помалку, ќе видиме. 

Има и друга страна оваа приказна. Буквално секогаш примарната цел на секој македонски селектор бил пласманот на СП и ЕП. Со тоа мисијата од старт е успешна. Потоа било, што подалеку, а тоа значело главна рунда (полесен противник за следните квалификации). 
Другата страна е: Никогаш полесно не се стигнува до СП и ЕП. Кој и да биде новиот селектор, Македонија би требало лесно да се пласира на СП и ЕП и да ја исполни целта пред која се потеле сите наши досегашни селектори. 

Омилена тема во моментов е новиот селектор. Веќе имавме можност да прочитаме дека Гарсија Парондо или Данило Брестовац се издвојуваат како фаворити. Слушнавме и за Гино Стрезовски и Звонко Шундовски. Па и Зоран Кастратовиќ и Ивица Обрван. (Чудно досега во сите вакви приказни низ Балканот и поголемиот дел од Европа, бил Драган Ѓукиќ, засега го нема). 
Ова го толкуваме како желба на медиумите први да објават вест што утре можеби ќе биде вистина. Во суштина се работи за нагаѓање. Не гледаме на пример во Парондо, ниту во кој било од споменатите некој кој заслужил да се издвои како фаворит. Дури на прв поглед можеме да им најдеме многу повеќе минуси и маани. А најбитно, немаме слушнато од релевантни извори ништо конкретно околу името на следниот селектор. Засега. 

Но, се засилува лобито селекторот да биде Македонец. Би било убаво ова лоби да излезе и со кандидат, а не само со националност. И би било убаво да престанат да ја користат флоскулата дека медиумите ги поддржуваат странците, а ги омаловажуваат домашните тренери. Депласирано е, неточно, манипулативно и (замислено да) служи како алиби за идни неуспеси. 
На крајот на денот, ниту еден медиум не води клуб од горната петорка во Македонија ниту пак им ги бира тренерите, а пак четири од пет се странци. 

Во вакви моменти лесно се станува носталгичен и се враќа меморијата на 2012, иако и во 2015 бевме одлични резултатски. Има една работа што еден хрватски еминентен колега во колумна за g.sport. mk ја напиша за таквата носталгија, кога Лино Червар го вратија во репрезентацијата на Хрватска. Се вика „подгрејана јуха“. 

На македонската репрезентација и треба селектор што ќе биде на располагање постојано, без разлика дали е Македонец или странец. Би било убаво да е Македонец. Не дека  странец нема да работи квалитетно, но не  веруваме дека може да ја чувствува репрезентацијата како своја. Нема да му пројдат морници кога ќе свири македонската химна.
Немаме против да биде и странец. Но, некој што ќе работи постојано со тимот, ќе трча по тренинзи и натпревари во Македонија и ќе се расправа со сите наши тренери околу играчите. Предноста на странците е што секогаш носат нешто од својата ракометна култура со што се збогатува и нашата. 

Искуството да имаме селектори што водат клуб во странство, а овде се селектори се покажа лошо без оглед дали е странец или Македонец. Исто беше и во случајот со Шундовски и со Обрван, Червар и Раул. Односно, со сите четири последни селектори. 

Потребен е селектор што ќе може да држи контрола врз амбиентот во репрезентацијата. Не е тоа едноставна работа, сме имале и мангупи и авторитети и политичари за селектори. Секоја приказна имала свој крај, а сметката се плаќала со резултати. Посебно во Олимписките квалификации. 

Новиот селектор треба да има посебно чувство и разработен план за интеграција на младите играчи. Удри во ѕид цела една генерација. Пропушти една голема шанса да се промовира во Германија и Данска. Да се промовира како што тоа го направи Исланд. Тие од оваа репрезентација веќе продадоа четири млади играчи во Данска, Германија и Полска. По две -три години ќе треба повторно нашите млади и нивните млади да ги видиме на терен како во Минхен. 

Имаме млади играчи во тимот, имаме и искуство со седум на шест, сме играле секаква одбрана и би било штета да доведеме селектор што ќе не убедува и тера да играме како во времето кога ракомет се гледал на црно-бели телевизори. Или да играме некоја брканица што не ја играле нашите играчи ни како деца.
Не можеме да бидеме Данска или Норвешка. Не можеме да бидеме ниту Франција или Германија. Но, можеме да бидеме Македонија што игра ракомет доволно добар да биде на секое СП или ЕП и таму да игра во главната рунда. 




 
Ви се допаѓа текстот?
Кликнете Like на нашата FB страница и станете дел од g-sport.mk