Вардар ја совлада Војводина (26-23) на својот премиерен натпревар во 2019 и победнички ја отвори новата година.
Без неколку стандардни играчи, Чупиќ (8), Криштопанс (7) и Скубе (6) ја предводеа црвено-црната екипа до победа со која дојдоа на три бода до сигурен Ф4.
Војводина беше рамнпоправна, во дел од натпреварот беше и во водство, но во финишот, пресуди индивидуалниот квалитет на скопскиот состав и во последните пет минути, кога требаше да го прекршат резултатот го направија тоа искусно, не оставајќи му на противникот да се понадева на изненадување. Вардар зачува сили за следниот меч, со РНЛ во Лигата на шампионите, а вознемиреност во мак-таборот внесе повредата на Кристијан Дизингер кој не го доигра мечот. Веројатно, повеќе за да се заштити од влошување на повредата.
Ова беше поубавата верзија од натпреварот одигран вечерва во речиси празната „Слана Бара“ во Нови Сад каде што Војводина се обиде да го фати некогашниот европски првак на спиење и да испише резултат за нивна историја.
Вардар победи, но се надеваме дека прв и последен пат годинава го гледаме во вакво издание. Војводина и покрај сите нивни марифетлуци и играње остро со назнака за потенцијална повреда, не смееше да биде 55 минутен предизвик за Вардар. Потрошија и сила во празно, се малтретираа 55 минути и тешко беше и да се гледа овој натпревар. На крајот недостасуваше Перовиќ да одбрани уште некој шут па да има „сензација“ во насловите.
Следниот противник на Вардар е со „малку“ поинакво педигре. Рајн Некар Ловен предводен од мундијалски златниот Николај Јакобсен, ваква претстава од Вардар не би можел ни во сон да си замисли.
Очекуваме да се преобрази, од ова, што и да беше денеска што го гледавме, во оној вистинскиот Вардар што сакаме да го гледаме во следните пет дена и на 6 февруари во Германија да видиме меч достоен за реномето што го изгради во Европа македонскиот тим минативе две-три години.