Данска си состави тим за 2024, без Микел Хансен

Само три дена откако на олимпиското злато го додадоа и првото за нив мундијалско злато, Данците почнаа мисија за иднината, за тим што ќе игра во 2024. 

Ова оди во контра на сите тези дека само најдобрите можат да играат. Да, ќе играат најдобрите, но треба да се има точно разработен план и за иднината. Ние тоа го почувствуваме на наша кожа со десетгодишниот репрезентативен вакуум од кој се обидуваме со големи маки да се извлечеме. Данците за пример ја имаат Шведска. Швеѓаните доминираа во 90-тите, но испуштија неколку талентирани генерации на сметка на медалите на Висландер, Олсон, Ловгрен, Врањеш... па во моментот кога тие заминаа, а на сцена дојдоа Ким Андерсон и Јонас Лархолм на пример, чекаа цела деценија за медал. 

Данските експери предупредија дека во нивниот тим девет играчи се 30 годишни или постари, Ласе Сван (35), Ханс Линдберг (37), Хенрик Мелгард (33), Хенрик Тофт Хансен (32), Рене Тофт Хансен (34), Николај Орис (32), Микел Хансен (31), Мортен Олсен (34) и Николај Маркусен (30).

Сметаат дека повеќето, ако не и сите, во рамки од 5 години ќе се откажат од играње во репрезентација. Чисто затоа што нема да можат да издржат. Секако дека би го задржале Микел Хансен и на 36 години доколку е во форма и сака да игра, но веќе имаат резервен план. 

Во моментов нивната репрезентација, а за потребите на ТВ2 ја склопија двајца експерти се разликува само на позицијата пивот, а изгледа вака:
Голман: Никлас Ландин (30). Лево крило: Магнус Ландин (23). Лев бек: Ласе Мелер (22). Централен бек: Расмус Лауге (27). Десен бек: Никлас Киркелоке (24). Десно крило: Јохан Хансен (24). Пикер: Симон Халд (24)/Магнус Саугструп (22). 

На списокот на резерви е и Ласе Андерсон од Барселона на пример. Сметка ќе водат за сите млади што ќе покажат доволно квалитет за да влезат во некоја од овие комбинации. Нека не ве чуди ако уште на следиот натпревар на Данска, видиме некои од овие ракометари на терен. Браќата Ландин, Јохан Хансен и Лауге веќе се во главните улоги. Се бараат замените за Микел Хаснен, Мортен Олсен, Менса Ларсен... 

Подвлечено, Данска има план и за следните пет години. И ќе биде, ако не на врвот, доволно блиску до него за да бидат задоволни. 




 
Ви се допаѓа текстот?
Кликнете Like на нашата FB страница и станете дел од g-sport.mk