Проклетството на „7 на 6“

Македонија мундијалот го заврши со пласман на 15 место. Исто како и пред две години. И тогаш и сега со „седум на шест“. Различни мајстори на клупата, успехот е различен, тимот различен, целите, оддекот во јавност е различен, се е различно само пласманот на 15 место останува ист. 

И Раул Гонзалез и Лино Червар пред него, проценија дека репрезентацијата на Македонија поголеми шанси за добар резултат има ако игра со седум на шест. Двајца врвни тренери, нема зошто да не им веруваме.

„Јас не играм седум на шест затоа што многу сакам така да играм. Ние не ни требаше да играме тоа со Јапонија и Бахреин. Ама игравме така  затоа што со шест на шест по петнаесет минути беше нерешено со Јапонија. А и Чиле така го победивме“, изјави Раул Гонзалез. 

Гол на празна мрежа се брои двапати во статистиката на фановите. Играта е ризична. Но, еве, со таа игра имаме од ова СП едно рамноправно полувреме со Шпанија, имаме речиси цел меч со Хрватска и Исланд. 
Му веруваме на Раул во изборот на тактиката, исто како што му веруваме и на Лино Червар пред него.

Веројатно најголемата услуга ќе ни ја направи ИХФ ако по Токио ги смени правилата, па оваа игра веќе да не може да се реализира. Ракометниот свет е поделен кога е во прашање седум на шест, но најгласните противници, имаат добри тимови и нив тоа не им ни треба. 

Најголемата замерка за Раул е што освен Филип Лазаров на центар, немаше друга опција  за „7 на 6“. Тоа се должи на краткиот период што селекторот го минува со репрезентацијата. И како што отпосле покажаа резултатите, требаше многу помалку да ја играме оваа игра. Па дури и да беше основна тактика, сепак, нашето мислење е дека требаше помалку да ја игра. 

Ако ја игравме играта 6 на 6, тогаш ќе видевме повеќе од Талески и Кузмановски. Поголема шанса ќе добиеја. На крајот на денот, најмногу сме разочарани од нив, затоа што веќе четврто сениорско првенство ги чекаме да блеснат. Тоа што не го видовме тој блесок е најголемото разочарување на турнирот. Поготово затоа што е украсено со неуспешен мундијал на другиот дел од „младите“. Го навлекоа бесот на повозрасните колеги. За дваесет години ракометно новинарство, немам слушнато вака отворена критика кон соиграчите во репрезентацијата. И тоа можеби е добро. Расчистивме со една работа - штом си на СП, нема млади и стари. Олеснително и за нив е дека многу игравме седум на шест, а во таа игра, тие се практично во аут. 

Тоа е втората замерка. Одевме на резултат на сметка на тоа да направиме тим за следните натпревари. Никој не успеа да се наметне, а за тоа не е само незалагањето и летаргијата причина. Има и стратегијата тука важна улога. 
Таа игра „7 на 6“ се покажа проклетство за сите што ја користат. Ја гледаме и Хрватска. Никој веќе не зборува за големата победа над европскиот шампион Шпанија извојувана со „7 на 6“, сите го зборат поразот од Бразил резултат на „7 на 6“. 

Па, сепак. Има полна поддршка Раул за оваа игра. Како и неговиот претходник. Ќе критикуваме, ќе бараме од него повеќе опции, подобро чувство кога да смени и прекине. Овде тоа не му беше некоја силна страна. Но, поддршка има.
Неговиот лик е нацртан на центарот на метата. Ги трпи сите стрели, отровни биле или не. И остана на своето., доследен на идејата за која смета дека ќе ни даде подобар резултат. Секоја чест. 
Зошто можеби ќе се запрашате, го фалиме...

Затоа што можеше лесно да се заштити да ја послуша масата народ. Можеше да игра 6 на 6, па самите да видиме колку сме (по)лоши. 





 
Ви се допаѓа текстот?
Кликнете Like на нашата FB страница и станете дел од g-sport.mk