Палмарсон: Со Македонија сме 50-50

Македонија го одигра својот меч со Јапонија. Исланд го одигра својот меч со Хрватска. Се оди според првичните математики. Остануваат сега дуелите со селекциите со кои е предвидено според рејтингот и логиката и едните и другите да победуваат и да губат, за во последното коло да се сретнат Македонија и Исланд и да решат меѓусебе кој во Келн ќе патува како учесник во главната рунда, а кој како Президент Куп. 

Арон Палмарсон е играчот што во Исланд ја има улогата на Кирил Лазаров во Македонија. Да ги предводи исландските ракометари кои се во транзиција. И Исланд ако можеби ви успеало некако да ви „избега“ е во слична ситуација како Македонија. Некои славни играчи не играат, нови доаѓаат на сцена, а има само еден и единствен што треба да ги пренесе преку мостот. 
Разговаравме накратко со Арон Палмарсон.

- Се одигра само едно коло, но јасно е дека Македонија и Исланд ќе решаваат меѓусебе. 

„Немавме шанса да ја гледаме Македонија денеска со Јапонија. Но, секако, ќе следиме како игра и ќе се подготвиме за тоа што треба кога ќе дојде моментот“. 

- Исланд одигра сосема добар меч со Хрватска, врз база на тоа, а и на победата на Македонија, која екипа ја гледате како победник кога ќе се сретнете?

„Ах, Исланд и Македонија имаат долга историја на дуели“, вели Палмарсон и ги спојува двте тупаници за да изрази битка. 

„Секогаш биле тоа машки борби. Не знам, сите наши дуели биле многу интересни за играње. Мислам дека шансите се 50-50. Кога ќе дојде моментот ќе видиме кој тим е поспремен“, изјави за g-sport.mk еден од најдобрите светски бекови во последната деценија. 

 
Ви се допаѓа текстот?
Кликнете Like на нашата FB страница и станете дел од g-sport.mk