Почнува СП: Среќен празник на сите што славите ракомет

Пишува: Ричи Ѓамовски

Почнува СП во ракомет. Омилената јануарска занимација за спортската јавност која во зимските денови и нема друго туку да ужива во потегот на сите потези на ЕХФ и ИХФ, мундијалите и Европските првенства во ракомет да се играат среде зима, кога и нема многу од другите спортови во понудата. 

Новото СП почнува, Македонија е учесник и нема да има кафеанска маса од Дебар Маало до Мрзенци на која во следните две недели нема да падне дебата и муабет за Лазаров, Стоилов, Талески... 
Следејќи го македонскиот фолклор, тоа ќе бидат епски дуели на ракометните познавачи ширум земјава, без оглед колкумина од нив знаат дали на пример Ласло Наѓ играше за Барселона или Реал Мадрид. 

Токму ова му дава посебен шарм на македонскиот ракомет и го издвојува од ракометот во земјата на светските шампиони на пример - Франција. Или на актуелните европски прваци - Шпанија.
Нема да се потресе Франција за недосуден пенал врз Карабатиќ, ниту Шпанците ќе гризаат нокти кога ќе треба Виран Морос да предреме две минути на клупа за исклучени. 

Ексклузивната можност да се соживее со ракометарите на еден посебен начин ја има македонската публика. Нема друга држава која толку убаво, еуфорично и со цела страст се соживува со својот омилен тим. Нормално кај нас е, како и секогаш и да се претера во соживувањето. Но, и тоа е дел од фолклорот и тоа го прави ракометот посебен овде кај нас. 

Сесрдна помош, во претерувањето, публиката ќе добие од медиумите. Многу поубаво се продаваат лајкови и кликови ако во насловот имате газиме, грмиме, играме волшебно, магично и правиме цепелини на кои би ни позавиделе и Џими Пејџ и Роберт Плант. 
Тастатурата исто така магично ќе се укочи кај истите продавачи на кликови кога ќе треба да се објасни како можело тогаш да се случи да загубиме од Шпанија на пример? Тие ослабени и некомплетни ние подмладени и со нови сили?
Нејсе, ќе ги оставиме тие мубети за дебармаалските средби. И тоа е дел од фолклорот.
За среќа има доволно на број и сериозни спортски медиуми. 

Што е реално да чекаме од Македонија на ова СП?

Најреално е да очекуваме борба за трето место. Најреално е таа борба да биде со Исланд, во петтото коло од прелимнарната рунда. 
Може тука некоја нејасна улога да одигра и Хрватска со Лино Червар и Зоран Гобац кои се во војна со самите себе и се околу нив. 
Ќе видиме во првото коло, играат Хрватска и Исланд. Ако успее Исланд да изненади, ќе се измешаат коцките и на шаховницата и на нашата табла. 
Би сакале еве ние да сме тие што ќе ја изненадат Хрватска. Но, би сакале исто еуфорија да продаваме по, а не пред натпревар. Во моментов... можете да гледате и вака: Халил Јагањац е 18-ти играч во нивниот тим. Кај нас би бил кој? Втор? Трет? Добро, знаеме и зошто е 18-ти на списокот на Червар, но ќе ја сфатите поентата што сакаме да ја постигнеме. Но, Червар е убав мотив за сите играчи, плус ако инсистира на седум на шест... 

Може тука некоја нејасна улога да одигра и Јапонија или Бахреин. Азиските селекции со селектори од Исланд. За тие два тима, за кои велиме дека не се за потценување шансата за изненадување и успех на СП се вика - Македонија. Да, овој пат не сме ние ловците кои скриени во сенка го демнат пленот. 
Имаат полно право да се надеваат, борат пружат 100% од силите на дуелот со Македонија во потера по изненадување. Тоа право им го дадовме ние, со оној меч во Кожани. Ако не им успее во првите две кола, тогаш ќе го меркаат Исланд.

Македонија на СП оди со изменет состав. Не можеме веќе да ги декларираме како подмладување измените во составот што ги направи Раул. Имаме повеќе прашања спремни за него, но ќе останат настрана, ќе го чекаат крајот на СП. 
Шанса каква се добива еднаш во животот добиваат Серафимов, Танкоски, Крстевски, па иако има 27 години и Чурлевски. Шанса да покажат дека со право верувавме во нив сиве овие години ќе добијат Талески и Кузмановски... Другото е на нив. 

Очекуваме на ова СП да ги видиме како блескаат скандинавците. Данска, Шведска и Норвешка. Толку многу напред отидоа... Од другата страна доаѓаат старите владетели Германија (2016), Франција (2017), Шпанија (2018)... Нови епски битки се на повидок. Германија и Данска се гаранција за врвна организација и полни сали... Иако, колку и да се трудат, никогаш нема да го стигнат Катар. Организациски. 

Почнува Светско првенство. Среќни празници, на сите што славите ракомет. 


 
Ви се допаѓа текстот?
Кликнете Like на нашата FB страница и станете дел од g-sport.mk