Почитувани читатели
Се наоѓаме на самиот крај на календарската 2018, година што беше исполнета со разни предизвици. Сега, на последниот ден кога ќе подвлечеме линија под се што се случуваше на ракометен план кај нас, можеме да ја оцениме како успешна и како нов голем предизвик за 2019.
Традиционално годината почна со настап на големо натпреварување, тоа беа сениорите на ЕП каде што ја имавме најуспешната прелиминарна рунда, го видовме и вториот Фајнал Фор на кој имаше македонски клуб, уште едно женско финале во Лигата на шампионите. Ги видовме и сениорите како запишаа пласман на ново СП, јуниорите како освојуваат ЕХФ Шампионат организиран по високи стандарди и кадетите кои покажаа дека имаме потенцијал и иднина.
На крајот и сениорките не израдуваа со пласман во бараж и поместување од онаа мртва точка. Видовме европски организиран Ф4 на СЕХА во Скопје, одново Вардар како го крева победничкиот пехар...
Не беше се розово, трансформацијата на ЖРК Вардар од клуб што игра финале во ЛШ, во клуб што се бори за секој бод во домашната Супер лига е најголемиот пораз и црната дамка во 2018... резултатскиот пад во Вараждин и поразот од Грција во Квалификациите беа уште една шлаканица од 2018 што ќе ја направат следната година многу поинтересна.
И 2019 ја почнуваме со настап на големо натпреварување, ќе бидеме дел од СП Германија и Данска од каде ќе се бориме за пласман на ОИ, пред нас се и квалификациите за ЕП каде што очекуваме пласман и реванш на Грција, ќе видиме уште една борба за пласман на Ф4, ќе ги видиме и дамите во обид да стигнат до СП во Јапонија, Еурофарм во групна фаза, ќе видиме и Кадетско Светско првенство во Скопје во машка конкуренција.. ќе има многу што да се види и да се пишува во наредните 365.
Од домашната сцена, потегот на годината е поделбата на Првата лига на две групи со што заживеа ова натпреварување, зголемената ангажираност околу младите категории е нешто што посебно радува.
G-sport.mk ја преживеа својата прва календарска година. Објавивме околу 3000 ракометни текстови и посебно задоволство за нас е што нашите авторски текстови, колумни и анализи поминуваат добро со критики и читаност. И тоа ни е сатисфакцијата дека сме на вистински пат.
Целта на нашите текстови останува пред се да бидат вистинити, проверени, издржани и реални. Такви бевме во 2018, такви ќе бидеме и во 2019, затоа што 20 годишниот минат труд во ракометното новинарство, не ни дозволува да влегуваме во поинакви авантури.
Ви посакуваме добро здравје и секое добро во 2019, на ракометарите им посакуваме успешен настап на СП, на сите ракометни колективи успешно да се справат со сите предизвици, какви и да им ги сервира годината.
Ние, ќе бидеме тука да ги проследиме сите ракометни настани и да ве информираме за се што (ќе) се случува и кај нас и во Европа...
Среќна Нова Година Ви посакува g-sport.mk