СП Анализа - Јапонија: Кујната на Дагур Сигурдсон

Пишува: Ричи Ѓамовски

Првиот противник на Македонија на СП Германија и Данска е репрезентацијата на Јапонија. Јапонците, заедно со тимот на Бахреин се прецртани на списокот на секој ракометен фан во Македонија и не го сметаме за никаков притисок моментот што не сме осмелуваме ни да размислуваме за ништо освен победа на овие два меча. 
Но, Јапонија одигра нерешено со репрезентацијата на Полска и ја совлада Чешка вчера и за два дена двапати заѕвони алармот. На Јапонија мора сериозно да се размислува, што за Македонија по средбата во Кожани, има сосема поинакво значење. 

Од моментот кога ја добија организацијата на ОИ 2020, Јапонците почнаа да вложуваат во сите олимписки спортови со цел достоинствено да бидат презентирани. Веднаш го ангажираа Антонио Карлос Ортега, по осум години се квалификуваше за СП Франција, но таму одиграа само еден добар меч во кој Полска се спасуваше во финишот и другите средби ги загубија, меѓу екипите од кои беа поразени се и Чиле и Бразил. Завршија на 22 место што е нивни втор најслаб пласман во историјата на СП (учествувале 13 пати). 

По ова Антонио Ортега си замина, а на неговото место директно од клупата на репрезентацијата на Германија со која освои злато на ЕП, пристигна Дагур Сигурдсон. 
Исланѓанецот е тренер што „позлатува“ што и да допре. Ја крена Австрија, го крена Берлин и на крајот откако му се повредија најважните играчи, со практично четвртата постава на Германија стана Европски шампион во Полска 2016. Со Јапонија има искуство од претходно и се врати одново таму да им направи тим за Олимписките Игри. 

Цела година Сигурдсон експериментира и работи со своите играчи. Јапонија е постојано на подготовки, повеќе од една година се во непрекинат тренажен процес. Одеа неколкупати на Исланд, се обидуваа(т) да ја надополнат нивната најголема слабост, допирните точки со европскиот ракомет. 

Кога се зборува за јапонски ракомет, веруваме дека најголемиот дел од љубителите на ракометот замислуваат екипа со исти фризури, што трчаат нон-стоп напред назад, играат длабока 3-3 зона до центар на игралиште и  се довикуваат на за нас неразбирлив јазик. И на крајот си ја чистат соблекувалната.  

Јапонија што ја води и тренира Сигурдсон не е таков тим. Освен можеби делот со соблекувалната. 

„Имаа 50 % повеќе сила од нас во второто полувреме. Не можевме да се прилагодиме на нивниот стил на игра“, изјави селекторот на Чешка, Јан Филип по поразот на турнирот во Полска. 


Стилот на игра?

„Јапонија играше многу бавен ракомет. Имаат голем број на додавања, а топката ја држеа по цела минута во напад“, изјави Јан Филип. 


Дали ве потсетува тоа на некого? Можеби на Металург со Лино Червар како тренер? 
Целта е да се забави играта и исфрли од ритам противникот. Долгите напади значат и помалку напади во текот на натпреварот и помалку голови. И помалку загубени топки и наивни шутеви. И помалку контра напади за противникот. 
И ако одбраната врши добра работа, а голманот има да кажеме двоцифрен број на одбрани, статистички добиваме натпревар на кој понеквалитетен противник, може да победи посилен од себе. 

Не можеме да кажеме дека така ќе играат и на СП Германија, но нема да се чудиме ако место растрчани, Јапонците ги видиме како мирно и дисциплинирано ги редат акциите една по една.
Дисциплинирано е клучниот збор. Сепак, зборуваме за Јапонци, нели? 

Играчки, немаат многу промени од составот што во Франција во јануари 2017 одигра само еден добар меч. 
Имаат и повеќе европско искуство сега. Шиносуке Токуда, десен бек од унгарскиот Дабас на Чесите им даде 11 гола. Го имаат и левото крило Реми Анри Дои, Јапонец со француски гени, тој игра во Шарт. 
Имаат и два добри леви бека, Адам Јуки Баиг (19 години) играч на Сесон Рен од Франција, Втор стрелец беше на мечот со Чешка, со шест гола. Хироки Шида исто игра на позиција лев бек и во еден период сигурно бил нивниот најдобар играч.
Нивниот најдобар стрелец, пак, е Даискуе Миказаки, играч од позицијата лево крило. Дагур Сигурдсон испрати на калење во Исланд едно лево крило, Ријито Инаге, тој игра за Валур. 

Јапонија е посилна и од Турција и од Грција со кои игравме последно, понезгодна од Романија со која игравме во јуни. И мора да биде сериозно сфатена. Играме со нив прв натпревар. Тешки се тие натпревари за сите. Секогаш има и понекое изненадување. Не би сакале да бидеме во насловите како „изненадување“.
Дагур Сигурдсон е нивното најсилно оружје, Токуда, Шида ќе бидат орудието за реализација на неговиот план. 




 

Поврзани вести

Ви се допаѓа текстот?
Кликнете Like на нашата FB страница и станете дел од g-sport.mk