СУПЕР ЛИГА: Бутел и Пролет во битка на колото

Од големата ракометна гозба подготвена во септември, на трпезата останаа уште неколку зрна, што пребирливо ќе бидат консумирани во следните неколку денови и потоа клупската сезона оди во зимски сон, а на сцена ќе истрчаат репрезентациите. 

Жените за десетина дена ќе финишираат со ЕП Франција и целото внимание ќе биде кон машките сениорски екипи и Светското првенство во Германија и Данска. 

Но, дотогаш има уште настани на домашната сцена, а утре своето претпоследно коло ќе го одиграат суперлигашите кои водат интересна трка за местата во плеј оф. Таму засега единствениот сигурен е Еурофарм Работник, Бутел е блиску до него, а Пролет, Пелистер и Охрид ќе се борат до последно за двете преостанати места. 

Пелистер утре ќе запише службени бодови од дуелот со откажаниот Борец, Еурофарм Работник оди на дуел  во Струга што бодовно нема да одигра важна улога на табелата, а очекувањата на хартија се дека и Охрид со три бода ќе се врати од гостувањето кај Вардар Јуниор. Јасно и битолчани и охриѓани нема бодовите да го добијат затоа што сите ги викаме фаворити, ќе мора да ги испотат дресовите. 

Радовиш и Прилеп ќе водат битка што е многу важна за нив, кога на пролет ќе се сумираат резултатите од меѓусебните натпревари во плеј аут шампионатот. Заедно со Вардар Јуниор, тоа се екипите што ќе водат битка за избегнување на деветтото место и бараж за опстанок. 

Најдоброто го сочувавме за крајот. Бутел Скопје и Тинекс Пролет. Ривали на терен, пријатели надвор, така барем го доживуваме нивниот однос, со оглед на тоа дека дел од игрчите што играат во Бутел, имаат свој печат во Пролет. Утре пријателството ќе биде оставено на страна, на терен ќе се води битка за бодови важни и за двата состава. Сигурно овој натпревар ќе се гледа со внимание и во Битола и во Охрид. 
На првата пресметка на која домаќин беше постариот скопски клуб, победи дебитантот Бутел. Сега Пролет гостува од другата страна на реката Вардар. Прогнозите се неблагодарни, според резултатите и досега прикажаното, Бутел е во улога на благ фаворит, но квалитетот на двата тима, не остава простор за комоција на домашниот состав. 
Ќе пресуди, оној икс фактор како што сака ЕХФ да го нарече, тоа што нема јасна дефиниција во ракометот, туку се должи на моментна форма и инспирација на одредени играчи или колективот. 
Во секој случај убава покана да се напушти комоцијата на топлиот дом и да се одгледа во живо еден ваков натпревар. 




 
Ви се допаѓа текстот?
Кликнете Like на нашата FB страница и станете дел од g-sport.mk