Одигравме три напред, останаа уште две

Пишува: Ричи Ѓамовски

„Не се плашете од екипа што одиграла илјада акции. Плашете се од таа екипа што илјада пати повторила една акција“


Вака некако изгледа системот што со месеци и месеци наназад селекторот Симе Симовски се обидува да го инсталира во конфигурацијата на женската ракометна репрезентација. Упорно и тврдоглаво повторување едно те исто, колку и да изгледа банално и здодевно. Количеството на вложен труд, во еден момент мора да даде резултат. Можеби во прв момент не таков каков што се замислува, но доколку не се отстапи од зацртаното и продолжи истото од ден во ден, од тренинг во тренинг, некаков резултат ќе има.

Оваа женска репрезентација е тим што се крева од пепелот на пославните генерации на ракометарки што го носеле дресот на Македонија. Последен пат и тоа не многу славно настапивме на сениорско ЕП во 2012. Потоа не само што не успеавме да дојдеме до тоа ниво, туку и најобична победа беше подвиг што се чекаше три и пол години. 

Работите одново живнаа, се врати вербата дека можеме да победуваме, но да бидеме реални, нешто далеку дека сме отишле напред - не сме. Впечаток е сепак, дека се движиме во позитивната насока. Со селекторот имаме разговарано, илјада пати на темава. И илјада пати ги повторуваме истите работи и веројатно уште којзнае колку ќе го правиме истото. Заклучок што сакаме да ви го пренесеме е следниот. Квалификациите во Скопје, трите победи се три чекори напред. Останаа уште два. Дали ќе биде три напред -два назад или во два чекора ќе стигнеме до Јапонија зависи од повеќе фактори. На некои може да се влијае, на некои - не. 

Не може да се влијае на името на следниот противник. Тоа нема да биде екипа од рангот на Исланд. За Турција или пак Азербејџан, да не зборуваме...  Следниот противник може лесно да биде, не дај боже, некоја си Норвешка или Русија. Може да биде и некоја „полесна“, но лесна нема да биде. Екипите што од око ги посакуваме како Полска, Хрватска, Чешка или Унгарија мошне извесно ќе ги спакуваат куферите по првиот круг на ЕП и ќе ни се приклучат во вториот шешир. Нема да ги имаме на списокот на противници ниту Франција или медалистите од ЕП, но сите други што се помеѓу, се во  комбинација во мисијата „Два чекора до Јапонија“. 
Затоа и нема потреба да се оптоваруваме со имиња се до последниот ден на ЕП, кога ќе дознаеме со кого ќе си имаме работа. 

На што може да се влијае? Основно е играчите целосно и без препрашување да го прифатат системот форсиран од селекторот. И да се прилагодат на системот, а не системот да го прилагодуваат кон себе. Ова не се однесува само до периодот во кој играчите се на собир под државно знаме. Тоа е 24/7 процес што едноставно мора да го имаат во себе. 

За волја на вистината, Симовски постојано ги држи под тензија, но и да не го прави тоа, треба секој(а) да си знае за себе. Посебно во делот на физичката подготвка. 
Мисија на секоја репрезентативка треба да биде во следните шест месеци да напредува до момент да може и физички да се носи и со „носачот на авиони“ алијас Русија. Којзнае, по шест месеци можеби токму против нив ќе треба да се игра. А за десет или колку и да се денови подготовки, нема ни приближно да се биде на ниво доволно добро за судар со Ана Сен или Макеева, доколку во следниот период не се води доволно сметка за сопствената физичка подготвеност.  

Ако се вложи толкаво количество труд, да во јуни може да се издржи 60 минути битка со Макеева на пример, тогаш може да се каже дека е вложено доволно напор за да се очекува резултат. И тоа е ситуација „Баба лаже - трап не лаже“. На терен веднаш ќе се види кој колку е подготвен. Друг, полесен начин да се стигне до Јапонија - нема. 

И ова е само првото, основното. Другиот дел од воведот е во делот на работа на селекторот. Од моментот кога ќе дознаеме со кого, Симовски ќе мора да живее дење-ноќе со мислата како да се совлада на пример, еве, Германија. Ментално да се пресели во Бундес лигата и да ги купи сите финти, да ги собере сите нивни слабости, да ги испраша сите тренери, играчи, што си имале работа со нив, да ги прегледа по  ститна пати снимките од нивните натпревари и на крајот да склопи стратегија.
И таа стратегија да ја повтори 1000 пати. За Македонија да биде тим од кој некој, еве, Германија, да треба да се плаши...


фото: macedoniahandball.com.mk



 
Ви се допаѓа текстот?
Кликнете Like на нашата FB страница и станете дел од g-sport.mk