Евгениј Трефилов е еден од најдобите тренери во женскиот ракомет и тоа не може никој да го оспори и покрај неговиот карактер. Тој е толку доминантен во рускиот ракомет, а неговиот статус е таков што може да се извлече со речиси се. Дури и Европа го има прифатено таков каков што е, па кога Русија е на терен, камерите се многу често задолжени да го следат секој негов потег, гримаса, а кога ќе се налути тогаш тој е поинтересен од целиот натпревар.
На натпреварот со Црна Гора, Евгениј Трефилов направи таков „кикс“ што практично ја стави на коцка победата на својот тим и веројатно најмалку што би можел денеска да направи е да испрати букети со цвекиња во собите на Судакина и Самохина.
Да не должиме премногу. Русија беше во постојан резултатски заостаток зад Црна Гора на мечот од второто коло. На две и пол минути до крајот Трефилов побара тајм аут при резултат 22-22 и играч помалку. Марина Судакова доби наредба да шутира од десно крило и погоди, а тоа беше нејзиниот прв гол на натпреварот.
По ова Катарина Булатовиќ направи пробивање, Русија се комплетираше и на минута и пол до крајот тргна во одбрана на победата.
И тогаш, Евгениј Трефилов одново го притисна копчето за тајм аут барајќи нова минута одмор!
Во последните пет минути тоа не е дозволено. Трефилов, навистина, имаше право на втор тајм аут, но можеше да го побара само ако претходно и Црна Гора побараше минута одмор, а тие тоа не го сторија.
И делегатот ја прекина средбата, ја одзема топката на Русија и му додели две минути исклучување на Трефилов (играта ја напушта недолжен играч).
Марина Јауковиќ го искористи ова за да израмни, а Русија одново напаѓаше со играч помалку. И одново истата акција и одново Судакина погоди од тешка позиција од крило за водство од 24-23.
За Црна Гора останаа уште 32 секунди за напад. Тогаш Пер Јохансон побара тајм аут, а нивната акција за десно крило ја пресече Самохина.
Русија победи и покрај двата бода засега ја има и приказната на првенството што дома ќе ја однесе како уште една легендарна анегдота со Трефилов во главната улога.