Еурофарм Работник ги доби противниците за групата во ЕХФ и својата европска пролет ќе ја почне со патување кај фаворитот број еден во групата, германскиот Хановер.
Во овој клуб своевремено играше македонскиот репрезентативец Филип Миркуловски, но оттогаш се променија многу работи, првенствено тренерот.
Хановер го ангажираше Антонио Карлос Ортега. Поранешниот ракометар на Барселона, тренерската кариера ја почна во Антекера, за потоа три години да го води унгарскиот Веспрем. Потоа една сезона беше селектор на Јапонија, потоа беше тренер на КИФ Колдинг во Данска, за во 2017 да дојде на чело на Хановер и таму заедно со сонародникот Икер Ромеро да почнат мини револуција во клубот кој под нивна палка почна да игра многу позначајна улога во Бундес лигата, следствено и да обезбеди пласман во ЕХФ Куп.
Побаравме од шпанскиот тренер коментар за групата во ЕХФ Куп.
„Мислам дека можвеме да поминеме и подобро, но можеше да биде и полошо. Искрено, за Битола не знам многу. Се разбира, знам 5-6 играчи од овој тим, знам дека има неколку репрезентативци на Македонија. Но, оваа сезона немам гледано ниту еден нивни натпревар.
Знам само, дека во Македонија секогаш е тешко да се игра“, изјави Антонио Ортега за g-sport.mk
Првата пресметка меѓу Хановер и Еурофарм Работник е закажана за 9/10 февруари, во рамките на првото коло и ќе се игра во Германија.
Средбата во Битола е во рамките на петтото коло, а ќе се игра на 23-24 март.