ЕП Франција: Русија го стиша домаќинот

ФРАНЦИЈА - РУСИЈА   23-26 (11-11)
Канор 6, Дембеле 3, Пино 3 - Дмитриева 8, Самохина 7

Студен туш за домаќинот на ЕП уште на отворањето на првенството. На премиерниот меч, одигран пред полни трибини во Нанси, Русија ја совлада Франција (26-23) и ѝ го искомпликува патот кон главната рунда на домашната селекција, која сега ќе треба да се вади против Словенија и Црна Гора. 

Трефилов мечот го почна со Ана Сен на бековската линија и Макеева на пивот. Одбраната одлична, нападот премногу бавен. Посебно проигрувањата до пивот не беа успешни. Но, Франција имаше мака со руската зона, па и покрај солидната Лејно не успеа да фати некаков ритам. 
По десет минути беше само 2-2, а потоа Русија поведе, Франција заработи исклучување, па Крумхолц се реши да напаѓа без голман. 
Прими два гола на празна мрежа и Русија имаше комотни 5-2.
Од тој момент до крајот на првиот дел, Франција бркаше негатива, а спасот за Оливие Крумхолц дојде од клупата. Орлен Канор, 21 годишна ракометарка постигна четири гола од четири обиди и на одмор се замина со резултат 11-11. 

Во вториот дел Русија се менуваше од побликата страна, па така Ана Сен остана да игра само одбрана, а во игра влезе Малашенко. Таа заедно со Дмитриева и Вјахирева значително го забрзаа рускиот напад и ја ставија на сериозен тест зоната на Франција. 
Франција, пак, на голот ја имаше Лаура Гласер, која одбрани четири од првите шест шута, а домашните стигнаа до водство од 15-12. 
Но, се разигра Вјахирева која асистираше и изнудуваше седмерци, а Малашенко и Самохина реализираа и Русија израмни во 40 минута, а набрзо потоа и премина во водство. Мораме да ја споменеме и улогата на Седојкина која имаше 9 интервенции. 

И така одново гол за гол, со мала предност за Русија, а кога дојде ред да се крши резултатот, Русинките му оставија простор да шутира само на десното крило, дебитантот Полин Котанеа. И таа промаши двапати по ред, а кога и Пино не успеа да ја лобува Седојкина. .. Трефилов, конечно, можеше да се насмее...
Којзнае дали ја искористи таа шанса...
Сеедно, Русија влезе во ЕП со два бода и утре за нив, Нанси ќе биде уште поубав град. 



 
Ви се допаѓа текстот?
Кликнете Like на нашата FB страница и станете дел од g-sport.mk