Металург промаши бод во последната секунда

ВОЈВОДИНА - МЕТАЛУРГ  31-30 (15-17)

Уште едно горчливо разочарување им сервираа играчите на Металург на македонските ракометни фанови. Вечерва во Нови Сад, во рамките на СЕХА Гаспром, ракометарите од „Автокоманда“ се минимално поразени од Војводина 30-31. 

Натпреварот резултатски беше супер-интересен, Металург имаше последен шут за бод, но ударот на Маџовски заврши во стативата. 
Ни прв, ни последен пат, но разочарувањето за ваквиот епилог доаѓа од податокот дека Металург во првото полувреме, во еден период играше одлично, и како резултат на таа игра, во еден момент имаше и седум гола предност (15-8).
Но, место да го дотолчи грогираниот противник, Металург комплетно излезе од ритам. Војводина почна де се бодри, да се крева, намали, на 11-15, Данило Брестовац ја препозна опасноста, повика тајм аут. 
Попусто. 
Металург продолжи да тоне, Војводина да се крева и по паузата, па во 37 минута резултатот беше израмнет (20-20). 
Потоа поведе домаќинот и со два гола разлика. Стигна Металург, имаше реми и играч повеќе, но не успеа да се одбрани. Немаше свежина и концентрација кај Пучник, направи исклучување, а Челица погоди за 31-30. И исто како и во Истанбул, решевачкиот напад заврши без реализација. 
За разлика од тогаш, сега последниот напад беше добар, Маџовски имаше добра позиција, но ја погоди стативата. 

Александар Шпенде постигна седум, Анте Токиќ шест и Димитар Димитриоски со пет погодоци беа најефикасните играчи на Металург на овој натпревар. 
Ви се допаѓа текстот?
Кликнете Like на нашата FB страница и станете дел од g-sport.mk