Атман, Јагањац и крвникот на Веспрем

Еурофарм Работник ги доби противниците за групната фаза на ЕХФ Куп. Тоа се Хановер, Татабања и Нексе. Според нас тешка група и подобро ќе му беше на пример во групата „Д“ со Гранољерс, Азоти и ГОГ, но дел од нашите читатели сметаат дека токму оваа е најлесната група. Нема да спориме со никого, туку ќе направиме мала анализа на противниците што на пролет ќе дојдат во Битола. 

ХАНОВЕР... 
Тоа е првиот фаворит во групата и тоа не затоа што е клуб од Бундес лигата, туку затоа што шпанските тренери Антонио Ортега и Икер Ромеро веќе трета година склопуваат состав со кој успешно се носат со побогатите екипи во Германија. Годинава имаа пехови со повреди, го загубија до крајот на сезоната естонскиот бек Мат Патраил, но до февруари ќе бидат екипирани. 
Павел Атман е нивната прва ѕвезда, иако и тој повеќе е повреден отколку што е на терен. Од крајот на септември е под посебен третман поради истегнување на лигамент на скочниот зглоб, во февруари би требало да биде на терен. 
Голмани им се Матијас Цимер и Словенецот Урбан Лесјак. Десни бекови Каи Хафнер, репрезентативецот на Германија и Нејц Цехте, Словенец. На линијата Евгениј Певнов и Илија Брозовиќ, на центар Мортен Олсен и Атман, Угалде им е лево крило, десно се Торге Јохансен и Тимо Кастенинг, лев бек Фабијан Бом. Специјалист за одбрана Домагој Сршен од Хрватска. Повеќе сакавме од првиот шешир да го добијат Гранољерс. 

ТАТАБАЊА...
Звучи неатрактивно и безопасно. Веројатно и на Веспрем му звучеше така иако многу (по)добро знаат со кого имаат работа. На последниот меч одигран минатиот месец, Давид Дејвис со Веспрем првиот пораз го запиша од Татабања (24-26). Важат за единствениот клуб во Унгарија што би можел да ги победи Веспрем или Сегед и веќе го докажаа тоа. 
Од клупата ги води Владан Матиќ. Победата над Веспрем му го донесе и местото селектор на Унгарија за претстојното СП. 
Романецот Григораш и Хрватот Вранковиќ им се десни бекови, на линијата го имаат Владимир Врањеш, на позиција лев бек игра и ветеранот со 10 годишен стаж во Сегед, потоа во Веспрем, Лемго... Ференц Иљеш. На центар годинава на повремениот репрезентативец Јухач му го додаоа од редовите на Веспрем, Матјаш Ѓори. Многу се силни и многу потценети. Повеќе сакавме од вториот шешир да го добијат тимот на Азоти Пулави.

НЕКСЕ...
Нема да трошиме премногу зборови за нив. Веќе сте имале можност многупати да ги видите и да оформите мислење. Но, да подвлечеме. Му платија на Металург 120.000 евра само за да го доведат Халил Јагањац за натпреварите од ЕХФ Куп. Лидери се во СЕХА заедно со Вардар и Загреб, пред два дена го победија првиот тим на Мешков Брест и тоа како гости. 
Томи Возаб и Халил Јагањац се додадените вредности во оваа композиција што со години игра во СЕХА и во Европа. Минатата сезона, за влакно им избега пласманот во 1/4 финалето на ЕХФ Куп. Посебно се опасни за Е. Работник, затоа што нема да ги потценат и ќе дојдат си сите сили по бодови во Битола. Повеќе сакавме од четвртиот шешир да ја добијат Констанца. 


Битолчани мора сериозно, а не еуфорично да гледаат кон противниците во групата. За волја на вистината ги избегнаа Берлин, Порто и Ла Риоха... Но, реално, ја имаат улогата на аутсајдери со шанса евентуално, на домашен терен да изненадат можеби со Нексе, можеби со Татабања. Но, дури и за таков подвиг ќе им требаат засилувања. И тоа од поскапите за наши услови. Иако и такви во моментов на пазарот нема многу. 
И тоа не само за ЕХФ Куп. Во прилог ви го додаваме и распоредот. Од почетокот на февруари до крајот на март, Е. Работник со ростерот што го има ќе треба да игра на два фронта. Имаат шест натпревари овие три силни противници за тие два месеца, а тука некаде ќе биде и еден од клучните дуели за второто место во македонското првенство, со одморениот Металург. 


 
Ви се допаѓа текстот?
Кликнете Like на нашата FB страница и станете дел од g-sport.mk