СУПЕР ЛИГА: Пелистер и Бутел го „меркаат“ дербито

Во сабота во Битола ќе има двојна програма. Од 17:00 часот ќе се игра Суперлигашкото дерби меѓу Е. Работник и Охрид, а два часа подоцна пелагониското дерби меѓу Пелистер и Прилеп. 

Гостувањето на Охрид во Битола е натпреварот на неделата во машката Супер лига. Е: Работник се издвои како прв фаворит во шампионатот со максимални седум победи, но Охрид игра за секој респект и досега има само еден пораз и е единствениот тим што во моментов може да го расипе перфектниот скор на Е. Работник, иако во сабота ќе биде во улога на аутсајдер. 

Расплетот од овој натпревар желно ќе го очекуваат две екипи. Бутел Скопје, годинешното освежување во Супер лигата и Пелистер. Доколку победи Е. Работник, тогаш Бутел и Пелистер кои веруваме нема да имаат проблеми на домашен терен со Радовиш и Прилеп, ќе се израмнат со бројот на бодови со Охрид и битката за второто место ќе стане многу поинтересна. 
Ако, пак, победи Охрид, тогаш и двата ривалски тима ќе можат да се борат и за првото место, со оглед на тоа дека разликата со водечките ќе им биде само три бода. 
Бутел и Пелистер, доколку победат, ќе бидат во „win-win“ ситуација, единствено поделба на бодовите нема да им оди целосно во прилог. 

Интересен меч очекуваме и во Скопје, каде што доаѓа Струга на која и е потребен излез од серијата од четири натпревари на кои освоија само еден бод. 
Тинекс Пролет е нивни домаќин и условно фаворит за освојување на бодовите. На скопјаните само победа ги остава во рамноправна трка за повторување на ланскиот резултат, пласман во плеј оф. Но, со оглед на силната конкуренција за првите четири места, оваа средба добиа и поинакво значење, затоа што ако двата тима играат плеј аут на пролет, тогаш бодовите од овој меч ќе им се пренесат и таква залиха и двата тима би сакале да имаат. 

 
Ви се допаѓа текстот?
Кликнете Like на нашата FB страница и станете дел од g-sport.mk