ЕФЕКТ КОКШАРОВ: Ќе се преигрува меч во Данска

Се уште е свежо сеќавањето на финалето на Лигата на шампионите пред две сезони, кога ЕХФ делегатот го оттргна од рацете на тренерот на Вардар, Едуард Кокшаров картончето за тајм аут и повика минута одмор. Се крена голема врева, како смеел и дали смеел делегатот така да реагира, па во целата медиумска врева остана само нотирано дека кога тренерот е во означената зона до записничката маса, не смее да се колеба туку мора да го спушти картончето на масата. Во спротивно, може да заработи казна. 

Во продолжение следеа и специјано дизајнираните аларми, со кои картончето барем на СП и ЕП, замина во историја, а ваквите моменти веќе не можат да се случат, но на натпреварите од националните првенства се уште се актуелни зелените картончиња. Со нив, иако ретки се јавуваат и ситуации што се дискутабилни. 

Од слични причини во Данска ќе се преигрува натпревар. А најавено е дека ќе се воведат и задолжителни копчиња-аларми за тајм аут.

КИФ Колдинг водеше 22-21, а ГОГ Гудме беше во напад, на девет минути до крајот кога тренерот на ГОГ, Никлај Крикау тргна со картончето да бара тајм аут. Во дел од секундата се предомисли, нешто порано од моментот кога неговиот играч шутираше и погоди. 

Судиите немаа разбирање за Крикау. Го поништија голот, му доделија две минути казна и топката им ја дадоа на ракометарите на КИФ Колдинг. Средбата подоцна заврши нерешено (23-23). 

Со денови се водеше расправа за потегот на тренерот и потегот на судиите. Снимката не покажа многу, па по многу полемики и спротивставени мислења, данската дисциплинска комисија излезе со компромисно решение - натпреварот ќе се преигра. 


 
Ви се допаѓа текстот?
Кликнете Like на нашата FB страница и станете дел од g-sport.mk