Металург: Засилувањата во недела на терен

Новиот изглед на Металург, ќе биде достапен за гледачите веќе во недела според клупски информации. Тројцата нови играчи се пријавени во ЕХФ и доколку не се случи нешто непредвидено, во недела на натпреварот од Лигата на шампионите со Чеховски медведи, во ростерот на Металург ќе бидат и Александар Шпенде, Миха Пучник и Гоннчало Рибеиро. 

Со оглед на тоа дека се работи за ракометари што не биле дел од клубовите што се европска елита, немаме ни многу јасна слика кој од нив колку може. Импресиите во Автокоманда се позитивни, до сабота се очекува и формалната промоција и потпишување на договорите пред камера, па во недела ќе видиме како ќе игра најновиот Металург. 

Од Автокоманда во меѓувреме доаѓа и уште една позитивна информација. Долговите од минатата сезона кон ракометарите се затворени, од тековната се должи само една плата, па (гледано од финансиска страна) многу помирни можат да истрчаат на терен, не само новите играчи туку и ракометарите од актуелниот ростер. 

Противникот, пак, по слабиот старт во домашниот шампионат зареди со победи и во Русија и во ЛШ, па во улога на фаворит ќе биде во „Борис Трајковски“. Не очекуваме чуда од Металург за три дена, но се надеваме дека играта ќе биде пошаренолика и поефективна во однос на другите досега одиграни натпревари, на кои клубот само на два меча беше непоразен. Има едно реми со Извиѓач и една победа над Татран Прешов. 
Ви се допаѓа текстот?
Кликнете Like на нашата FB страница и станете дел од g-sport.mk