Дислексијата не е болест, на децата им треба тренинг, a не лекови

Сторијата ја подготви Сања Наумовска, во рамките на проектот „Транспарентни информации за дислексијата“ финансиран од Фондација „Отворено општество Македонија“. Содржината на оваа сторија е единствена одговорност на Здружението за дислексија „Ајнштајн“ и не ги изразува ставовите на Фондација „Отворено општество Македонија“.





Македонија нема доволно стручен кадар кој би им помогнал на децата со дислексија полесно да ги совладаат училишните, но и животните предизвици. Во нашата земја дислексијата се утврдува во здравствени установи, но без точно утврдени методи, ниту пак од лиценцирани лица. Во истите установи децата како третман за дислексија, дисграфија и дискалкулија добиваат и медикаменти, а особено тешки лекарства наменети за лица кои преживеале мозочни удари.

Ова се дел од заклучоците од анкетата која во рамките на проектот  „Транспарентни информации за дислексијата“, финансиран од Фондацијата „Отворено општество Македонија“, ја спроведе здружението за дислексија „Ајнштајн“, испитувајќи стотина родители на деца со дислексија и дислексичари кои долги години се соочуваат со оваа состојба. Тие се едногласни дека третманот на лицата со оваа состојба во нашата земја мора да се подигне на повисоко ниво, а создавањето на нови едуцирани кадри кои ќе работат со овие деца да се решава системски.

Здравствените установи пропишуваат медикаменти

Огромен број од испитаниците, дури 95,7 отсто одговориле дека во Македонија нема доволно стручен кадар кој е компетентен да работи со деца со дислексија. Родители во анкетните листови ги опишуваат нивните нивните лични искуства на лутање низ институциите во потрага по помош за децата, а многумина наведуваат дека најмногу одговори наоѓаат сурфајќи на интернет по странските специјализирани веб страници.

Огромен број од родителите, 89 отсто, одговориле дека кога забележале дека нивното дете има потешкотии со учењето побарале помош и консултации во здравствена установа. Сепак, речиси половината од анкетираните, 47 отсто, одговориле дека во местото каде што живеат нема соодветна институција каде би го однеле детето на проценка и третман на дислексијата. Повеќе од третина од родителите, 40 отсто го посетиле Заводот за ментално здравје на деца и младинци „Младост“ во Скопје, а 17 отсто за помош се обратиле до Заводот за за рехабилитација на слух и говор. Помалку од 10 отсто биле на Детската клиника во Скопје, а останатите соработувале со дефектолози, психолози или логопеди во здравствените домови во нивните градови.

Во Заводот за ментално здравје на деца и младинци „Младост“ велат дека дијагностицирањето на тешкотиите во учењето кај децата се врши тимски. Дефектологот Зденка Стаменова објаснува дека стручниот тим го сочинуваат лекар психијатар или педијатар, психолог, дефектолог, педагог и логопед.

„Секој од свој аспект ја врши проценката на развојните способности на детето. Се зема анамнеза за раниот развој, утврдување на невролошкиот статус, процена на видот и на слухот, процена на интелектуалните способности преку WHISC тестот како и Bender Gestalt test, дефектолошка дијагностика која е опсежна и низ која се врши процена на ориентација во просторот и времето, процена на координацијата на движењата, доминантна латерализација, графомоторика, процена на способноста на аудитивната и визуелната перцепција, процена на импресивниот и експресивниот говор како и процена на способноста за читање, брзина на читање, точност, разбирливост, сфаќање на текстот, проценка на дисграфичност на ракописот, зрелост на линеација, облик на графеми, растојание на графемите во зборот, праксичка зрелост за извршување на графомоторен чин, проценка на способноста за сметање и проценка на усвоените училишни вештини“, вели Стаменова.

Таа објаснува дека третманот за дислексија во оваа установа го спроведуваат дефектолог и психолог, а во зависност од потребата и лекар- психијатар. Дефектологот, вели Стаменова, користи комбинирани методи како и методот на психомоторна реедукација, општа и специфична реедукација која меѓу другите ја сочинуваат и специфични вежби за дислексија, дисграфија и дискалкулија, вежби за развој на предчитачки вештини, вежби за разликување на гласови и звукови, вежби за ритам и темпо, вежби за развој на функциите анализа и синтеза, вежби за развој на вниманието, вежби за развој на меморијата, графомоторни вежби, вежби за развој на визуелна и просторна перцепција и др.

Голем број родители, 67 отсто од анкетираните, изјавиле дека при посетата на здравствените институции им била откриена дислексијата, а состојбата, најчесто, во 50 отсто од случаите, ја утврдил дефектологот. На една третина од децата им биле препорачани и медикаменти, најчесто гамибетал, пирацетам, есприко и ноортроп.
Славица Тасевска-Николовска, лиценциран тренер за дислексија според методот на Рон Дејвис е категорична дека дислексијата не е болест и поради тоа не постои третман со лекови кој би можел да помогне.

„Дислексијата е резултат на  различен начин на размислување и учење и најдобро се третира преку едукативен третман со некој од методите наменети за корекција на оваа состојба“, вели Тасевска-Николовска. Таа објаснува дека понекогаш , можеби изгледа дека одредени медикаменти можат да им помогнат при појава на некои од симптомите на дислексија, на пример, при главоболки, вртоглавици , анксиозност или дефокусираност. Сите овие проблеми можат да се појават при читање, но не постои  лек кој ги третира проблемите со учењето кои имаат сосема различна природа.

„Лековите што им се препорачуваат на лицата со дислексија имаат многу странични негативни ефекти. Исто така, бидејќи во одредени моменти  ги олеснуваат проблемите што погоре ги споменав , тие можат да предизвикаат зависност од долготрајна употреба и со тоа  го превенираат навременото барање на соодветен третман за дислексија“, посочува Тасевска-Николовска.

Лиценцираните тренери за дислексија по методот на Рон Дејвис, нагласува таа, не работат со клиенти кои употребуваат лекови за концентрација. Ова е од причини што ваквиот тип на медикаменти влијаат на способноста на луѓето да ги применуваат менталните алатки за фокусирање кои пак се интегрален дел на Дејвисовиот метод за корекција на дислексијата и другите тешкотии при учење како што се дисграфијата, дискалкулијата, диспраксијата и АДХД.

Развиените земји имаат центри за дислексија

Според анкетните одговори, иако добиле „дијагноза“ за дислексијата на нивните деца, огромен дел од родителите 89 отсто, изјавиле дека не знаат по кој метод се открила, ниту пак по кој метод се третира состојбата. Најголемиот дел од нив, 47 отсто не се задоволни од обемот на информации кои ги добиле за дислексијата, а 31 отсто се делумно задоволни.
Тие воопшто не се согласуваат и со моментот дека дислексијата се третира во здравствени установи. Само 25 отсто од испитаните сметаат дека е во ред дислексичарите да посетуваат болници или Заводи за ментално здравје, а 75 отсто мислат дека тоа е несоодветно. Огромен број од родителите ја истакнуваат потребата во земјава да се формира Центар за диислексија, а со децата да работат лиценцирани тренери за дислексија. Деведесет отсто како прв избор за третман на своите деца го посочиле тренерот за дислексија, како втор дефектологот, а трет логопедот.

Според Дамјан Николовски, претседател  на здружението „Ајнштајн“ и проектен координатор на проектот „Транспарентни информации за дислексијата“, во сите развиени држави каде што дислексијата се обработува повеќе децении постојат самостојни центри за детекција и третман на дислексијата.

„Дислексијата во овие држави претставува образовен проблем, а не медицински како што се третира во Македонија. Заради тоа кај нас голема е потребата за формирање на ваков центар. Лицата со дислексија не смеат да бидат третирани во институциите каде што се третираат лицата со посебни потреби, затоа што пред се дислексичарите не треба да припаѓаат во групата на лица со посебни потреби“, вели Николовски.

Тој посочува дека логопедите и дефектолозите во нашата земја инсистираат учениците со дислексија да се носат во здравствените институции, не внимавајќи на психолошките последици кои настануваат кај нив. Апелот на психолозите, пак, вели Николовски, е да бидеме исклучително внимателни во однос на менталното здравје на дислексичарите.

„Центарот за дислексија би требало да биде институција каде што ќе се врши детекција на состојбите како дислексија, дисграфија, дискалкулија и диспраксија од страна на кадри кои се обучени за детекција на состојбите, по примерот на развиените држави. Исто така во тој центар ќе треба постојано да работат тренери за дислексија, дефектолози, логопеди, психолози и педагози кои ќе бидат обучени по светски признаените методи за корекција и третман на овие состојби“, нагласува Николовски.
Ви се допаѓа текстот?
Кликнете Like на нашата FB страница и станете дел од g-sport.mk